Жерновски влегува во централната власт, СДСМ ќе има свој кандидат за Центар

Сегашниот кандидат за градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, ќе ја повлече кандидатурата за втор мандат на претстојните локални изброи, соопшти премиерот Зоран Заев во емисијата „Отворено“ на „Телевизија 24“..

– Со Андреј Жерновски долги години имавме одлична соработка. Договоривме да биде активен чинител во централната власт и со неговата стручност и искуство ќе учествува во сето она што преставува можност. Остава зад себе сериозни проекти. Има свој политички габарит и иднина. Ќе учествува во централната власт, значи ќе ја повлече својата независна кандидатура и ќе застане зад кандидатот за кој ќе се одлучат органите и телата на СДСМ заедно со коалиционите партнери. Неговата перспектива е и во органите на партијата, најверојатно ќе биде и еден од новите членови на централниот одбор – изјави Заев.

Според Заев, сè уште е неизвесно кој ќе биде кандидатот на СДСМ за градоначалник на општина Центар, а во игра се повеќе имиња.

Официјалната одлука на партијата ќе биде донесена денеска.

Жерновски пред 10 дена ги собра законскиот број потребни потписи за да се кандидира за независен кандидат на локалните избори закажани за 15 октомври.

Тој преку својот фејсбук-профил порача дека поразот на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори е поважен од сè друго.

„Имаме заеднички политички противник, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека само со заеднички сили можеме силно да го поразиме. Тоа е поважно од сè друго“, напиша Жерновски.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top