Жестоки судири во Индија: Додека трае посетата на Трамп, демонстранти се судираат со полицијата, има и мртви

Најмалку седум лица загинаа, а околу 150 се повредени во судирите кои избија во Њу Делхи за време на протестите против новиот закон за државјанство, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“..

Судирите избиле помеѓу две групи на демонстранти - тие кои се залагаат за законот и тие кои се противат. На улиците излегоа повеќе илјади луѓе, а полицијата употреби солзавец и димни бомби со цел да ги растера луѓето кои напаѓаа со камења.

„Седум лица загинаа, вклучувајќи еден помлад полицаец од Њу Делхи“, соопштија од индиската полиција.

Новиот закон за државјанство овозможува брза „натурализација“ на некои припадници на верските малцинства кои се родени во странство, но тоа не важи за муслиманите.

Поради тоа, тензиите во Њу Делхи драстично пораснаа овие денови, по што индиските власти наложија и затворање на бројни училишта. Затворени се и најмалку пет метро станици во градот.

Насилствата избија вчера кога во земјата пристигна американскиот претседател Доналд Трамп. Тој и премиерот Моди денес ќе разговараат на локација оддалечена на само неколку километри од местото на судирите.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top