Зошто беснеат пожари во Сибир?

Властите првично одлучија да не ги гаснат пожарите... со оглед на фактот дека борбата против пламенот што зафаќа милиони хектари шума е многу скапа работа..

Бран шумски пожари беснее низ Сибир и рускиот Далечен исток. Огнот зафати широк појас од преку 30000 квадратни километри и чадот обвива многу големи градови во централна Русија. Во меѓувреме, јавноста и властите дискутираат за тоа кои се предностите, а кои недостатоците на гаснењето на природно предизвканите шумски пожари.

Шумските пожари се честа појава во овој дел на Русија. Причините се различни: недостаток на врнежи од дожд, бури со громови без дожд, високи температури, човечки фактор, оган што се шири од други региони итн.

Но, едно нешто им е заедничко: пожарите обично зафаќаат илјадници квадратни километри и честопати ги оставаат сами да се изгаснат.

Властите на некои региони сметаат дека гаснењето на пожарите кои не претставуваат опасност за луѓето е „бесмислена“ работа. Се работи за тоа што пожарите честопати избувнуваат километри далеку од селата и градовите и дека е многу скапо и тешко да се префрлуваат пожарникарите и нивната опрема во овие предели.

„Имаме огромна земја со не толку голема густина на населението. Многу делови од територијата се практично непристапни “, изјави шефот на противпожарното одделение на организацијата „Гринпис Русија“ Григориј Куксин, пренесува порталот „Настоящее время”. Тој објаснува дека зоните за следење на пожари од вселената се поделени на две нивоа, при што пожарите кои потпаѓаат под второто ниво се следат, но не се гаснат, затоа што до нив не можат да се стигне со авион или хеликоптер. Куксин вели: „Тие се премногу далеку за да ги гаснеме, и тоа е премногу скапо. Регионите имаат право да не ги гаснат ваквите пожари затоа што тоа е економски неоправдано. Одлуката за воведување различни контролни зони е донесена поради недостаток на средства“.

Така што властите често продолжуваат да ги следат пожарите, но не се обидуваат да ги изгаснат или да го спречат нивното ширење. Тие тврдат дека овие пожари не претставуваат директна опасност за населените места. Меѓутоа, има многумина од оние што не се согласуваат.

Жителите на неколку региони се жалат на чадот и мирисот на палеж во воздухот. Чадот ги покри западен Сибир, Урал и регионот околу реката Волга. Жителите на големите градови ги обвинуваат регионалните власти за пасивност.

„Бидејќи шумските пожари зафаќаат големи површини, а властите не прават ништо, додека медиумите, како и секогаш, не се огласуваат, повеќето од населбите се покриени со смог и во воздухот се чувствува палеж. Луѓето во Иркутск носат маски “, објави Марија Буслова на „Инстаграм“.

„На оваа фотографија сјае сонце, но практично не се гледа. Веќе недела дена Сибир е покриен со смог. Тоа е таканаречениот режим на „црно небо“. Решив да не ги изведувам децата во прошетка денес, зашто синоќа почувствував чад во грлото. Почнува да ме фаќа страв”, напиша жителка на Кемерово.

Жителите на други краеви на Русија, исто така, го изразија своето незадоволство на социјалните мрежи.

Петицијата на сајтот Change.org со која се бара воведување вонредна состојба ширум Сибир собра 830000 потписи додека се пишуваше оваа статија. Јавниот апел ги примора регионалните власти да посветат поголемо внимание на овој проблем.

На 29 јули рускиот министер за вонредни состојби соопшти дека е одлучено шумските пожари да се локализираат и гаснат. За тоа се издвоени авиони, луѓе и пари, додека претседателот на РФ Путин му наложи на Министерството за одбрана да се приклучи на гаснењето на пожарите.

Па сепак, останува нејасно дали останува на сила одлуката шумските пожари кои не претставуваат опасност за луѓето да не се гаснат или таа ќе биде ревидирана.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top