Зошто „Диктаторот“ не си дава оставка!

Пишува: Никола Ставрески - Мелбурн.

Со синоќешното последно јавно и пред се срамно обраќање на Никола Груевски тој уште еднаш го покажа својот диктаторски дух и потврди дека навистина е диктатор.

Зошто е тоа така, одговорот е многу едноставен, па само диктатор и смртно преплашен човек по еден  ваков убедлив и максималистички пораз нема храброст да си ги признае грешките и да си замине  од функцијата. 

Во минатото видовме многу вакви симболични порази и победи и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ но секогаш лидерите си ги признаваа грешките со еден единствен чекор, а тоа беше давање оставка и препуштање на партијата на некој друг.

Груевски синоќа се обиде повторно да ја манипулира јавноста претставувајќи се себеси како жртва на нефер избори, но има ли веќе некој кој му верува и кој воопшто ќе му верува?!

Се разбира дека нема, но човеков е толку заблуден што мисли дека сеуште може да ги лаже и манипулира изгладнетите и намачени Македонци од него.

Груевски изгледа дека не сваќа дека кутрите административците кои самиот тој ги направи најбројните вработени во Македонија се изморени од неговото малтретирање да ги води под наредба и со списоци на митинзи, протести, прослави, сечење ленти и отворање фабрики кои никогаш не проработија, а некои одвај живуркаат. - Токму тие беа најголемите жртви на неговото владеење и сега кога ја видоа слободата и кога видоа дека е подобро да си работат мирно и без притисок дека треба да одат по градовите на митинзи итн поубаво им е слободното време да си го поминуваат со семејствата тешко дека ќе има сила веќе некој да ги натера да му веруваат и да се вратат на диктатурата.

Тука се и пензионерите кои ги залажуваше со покачувања од по 500 денари, а за таа цел цените скокаа и до трипати повеќе.

Секако неможе да не се спомене и фактот колку многу самохрани родители остави без работа, а на нивно место вработи млади или стари немажени/неженети.

Тие токму тие кои Груевски ги собираше на вештачки начин на најразноразни собири за да покаже сила и моќ му го свртеа грбот и го урнаа во амбисот од кој враќање назад нема, а не некаков си изборен фалсификат како што тој во последно време милува да каже.

Интересен е фактот дека и покрај тоа што и самиот е свесен дека тие толпи невини луѓе кои ги собираше под притисок и закани, егото го натерало на погрешна перцепција и сега и самиот е убеден дека всушност неговата лага била вистина па еве уште ќе седи на претседателското столче и ќе диктира „Малото Диктаторче“.

Без никаков срам бара предвремени избори бара уште народни пари да се фрлаат за неговите каприци и враќање на фотељата. - Но за жал од премногу луксуз и крадење неможе да види дека тој народ е гладен, но и прилично освестен дека цело време всушност работел за да може тој и фамилијата да уживаат во раскошот и убавините на животот, а тие како знак на благодарност да добиваат сув сендвич со салама и кашкавал.

Груевски до толку забегал што бара спроведување на Пржинскиот договор сега со спротивни улоги, како народот да нема меморија па да заборавил дека токму тој беше најголем противник на истиот и дури не ни учествуваше во преговорите туку праќаше други луѓе.

Бркаше и навредуваше амбасадори на туѓи држави бидејќи тој бил совршенство без маана, а пак тие не чинеле. - Срам!

И уште нешто бара СЈО со нови обвинители, а до вчера самиот тој велеше дека СЈО е неуставно. - Каков парадокс.

Сега кога виде дека веќе му нема излез почна да бара ослободување на насилниците во настаните од 27 април, а до вчера велеше дека треба да одговараат.

Ех Грујо кутри Грујо па зарем мислиш дека Македонскиот народ е толку глуп и неинтелигентен и неможе да запамети што зборуваше и што правеше.

Не, Македонскиот народ е многу паметен и преинтелигентен за да ти дозволи да го манипулираш, Македонскиот народ беше само малку исплашен од начинот на твоето владеење.

Затоа после еден ваков шамар од народот и тоа токму од оние твоите кои ти ги вработи во последните години време е да си ги признаеш грешките и да си заминеш како и сите твои претходници.

Време е да ја ослободиш партијата на вистинските идеолози И ОСНИВАЧИ на светите букви ВМРО ДПМНЕ и да се врати партијата на вистинскиот пат да биде силна опозиција која ќе ги оспори грешките на владеачкото мнозинство, која ќе се врати на вистинскиот пат и ќе ја врати довербата на членството.

Само така и на тој начин ВМРО ДПМНЕ може да си ја врати силата и власта.

И дијаспората веќе не ти верува, но сеуште верува во четирите свети букви ВМРО ДПМНЕ, затоа врати ја партијата на вистинските и чесните за да ги исчистат од калта во која ги втурна ти и твоите соработници.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top