Зошто „ФЕНИ“ не е на листата на најголеми должници на УЈП објавена пред 5 дена?

Управата за јавни приходи (УЈП) одби да одговори на прашањата на „Фактор“ во врска со информацијата што беше објавена деновиве дека „ФЕНИ Индустри“ должи над 5 милиони евра за даноци на УЈП..

Оваа информација беше обелоденета од една од странките во постапката пред велешкиот суд во понеделникот кога се разгледуваше опцијата за предстечајна постапка за „ФЕНИ“.

На нашите прашања: колкав е долгот на „ФЕНИ“, во кој период е направен и по кои основи „ФЕНИ“ должи УЈП даде одговор во кој се „сокри“ зад членот 9 од Законот за даночна постапка. 
Без коментари одговорот на УЈП ќе го пренесеме во целост:

„Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека согласно член 9 од Законот за даночна постапка, сите информации и податоци чие доставување може да има штетни последици и кое може да претставува повреда на доверливоста на даночната постапка, не се предмет на комуникација со јавноста и имаат третман на даночна тајна.“ пишува во одговорот од УЈП.  Одговор побаравме и од стечајниот управник на „ФЕНИ“ кој одби да даде одговор на ова прашање.

Во оваа прилика јавно прашуваме: Зошто „ФЕНИ Индустри“ должи, а не е на листата на најголемите должници објавена на официјалната интернет страницата на УЈП www.upj.gov.mkКога е направен долгот на „ФЕНИ Индустри“, а го нема на листата на должници кои имаат доспеани долгови до 31 јули, а неплатени до 30 октомви годинава?

Веруваме дека УЈП ќе даде одговор зошто „ФЕНИ“ не е на листата на должници на која има повеќе од 4.000 називи на правни лица и имаиња и презимиња на македонски државјани и на странци. Листата е обајвена на 10 ноември годинава.

Јавноста има право да знае:
Дали „ФЕНИ Индустри“ е привилегиран па го нема на листата на должници? Зошто требаше јавноста да дознае од странка во предстечајната постапка дека УЈП Побарува за неплатен данок од „Фени“? За колкава сума се работи? Кога е направен долгот на „ФЕНИ“ спрема УЈП?

Очекуваме да го реализирате ветеното. Одговорно работење на најважниот генератор на државни приходи преку транспарентно  работење и еднаков третман на сите!

„ФЕНИ Индустри“ е во незавидна финансиска позиција. Комапнијата должи над 60 милиони евра на доверители. Од тие пари долгот спрема три банки е околу 40 милиони евра. Неофицијално, „ФЕНИ Индустри“ за струја должи околу 5 милиони евра, спрема УЈП должи над 5 милиони евра. Повторно неофицијално, во изминатиов период сите конвертабилни залихи од стока се продадени, а со парите не се плаќани долгови. Дали затаил македонскиот државен систем за наплата на долгови и дали парите од продажба се изнесени од земјава? Зошто молчат надлежните државни органи? Како банките дозволиле „ФЕНИ“ да ги завлече 40 милиони евра?



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top