Зошто голем дел од извештајот за Трамп е цензуриран?

Иако долго очекуваниот извештај на специјалниот обвинител Роберт Малер од вчера конечно ѝ е достапен на американската и светската јавност, тоа не значи дека можеме да го прочитам во целост..

Адвокатите на американското министерство за правосудство и кабинетот на специјалниот обвинител Роберт Малер го поминале заедно извештајот и ги редактирале, односно ги цензурирале, чувствителните делови.

Станува збор за извештајот за истрагата за руската вмешаност во американските претседателски избори и сомнежите за тоа дали предизборната кампања на Доналд Трамп била во заговор со руската влада или дали неговата администрација ја попречувала истрагата на тоа.

Американските разузнавачки служби тврдеа дека Русија се обидела да влијае врз американските претседателски избори во 2016 и тоа во корист на Трамп, на штета на неговата противкандидатка Хилари Клинтон. Затоа Малер истражуваше дали Трамп или некој од неговата кампања соработувал со Русите за да го доведат на претседателската функција.

Малер во извештајот по двегодишна истрага заклучи дека не може да се докаже дека Трамп или некој од неговата кампања бил во дослух со Русите. Сепак, во извештајот кој има 448 страници Малер заклучи дека во тимот на Трамп знаеле дека ќе имаат корист од Русите и во повеќе наврати добиле понуди за соработка.

„Имало руски понуди за помош во кампањата. Во некои случаи, тимот на Трамп бил пресретлив кон понудите, додека во други случаи функционерите на кампањата избегнувале соработка“, се наведува во извештајот.

Повеќе од една третина од страници на извештајот имаат барем по еден зацрнет збор. Иако речиси две третини од страниците воопшто немаат прекриени зборови, некои од страниците се речиси целосно зацрнети. Лос Анџелес тајмс објави фотографија од сите страници на извештајот на која јасно се гледа размерот на цензурата.

Демократските лидери на Конгресот затоа порачаа дека верзијата на извештајот која ја објави јавниот обвинител Вилијам Бар, кого го постави самиот Трамп, не им е доволна. Некои од нив побараа Бар да поднесе оставка кажувајќи дека не може да ги брани и интересите на државата и интересите на Трамп. Тие побараа и Малер да сведочи пред нивен одбор.

Ненси Пелоси и претседателот на демократите во Сенатот издадоа заедничка изјава во која порачаа дека има големи разлики меѓу она што на конференција за медиумите го кажа јавниот обвинител Вилијам Бар и она што за опструкцијата се кажува во Малеровиот извештај. Бар пак изјави дека дел од извештајот е зацрнет поради заштита на личните податоци.

Како што известува Лос Анџелес тајмс, делови од извештајот се цензурирани врз основа на четири категории – докази за голема (истражна) порота кои се подложни на правилата за таинственост, доверлив материја на американските разузнавачки служби или сојузниците, информации за истраги кои се во тек, детали кои неправедно би можеле да ја нарушат приватноста и да наштетат на репутацијата на периферни трети страни.

Затемнетите делови затоа во извештајот се проследени со објаснувања за која од наведените категории станува збор.

Првата и третата категорија се особено интересни, бидејќи потврдуваат дека сите истраги и судски процеси за руското мешање во изборите и сродни обвиненија не се завршени.

Како што тврди правниот експерт, колумнист на Њузвик и автор на книгата „Доказ за дослух“ Сет Абрамсон, Малер добар дел од својата истрага им пренел на други обвинители кои ќе продолжат со работата, вклучувајќи поднесување нови обвиненија, и откако Малеровиот кабинет ќе заврши со својата.

Дополнителното погрешно толкување на Малеровиот извештај, тврди Абрамсон, произлегува од тоа што Малер, по сѐ изгледа, го истражувал само тесното правно прашање за можен директен дослух на кампањата на Трамп со руската (или некоја друга) влада, што ги исклучува руските (или другите) државјани кои не се државни службеници, но се блиски до Кремљ.

Исто така, Малер одби да донесе заклучок за тоа дали Трамп ја попречувал истрагата. Според неговото лично објаснување во извештајот, Малер не можел да го донесе тој заклучок бидејќи не можел да утврди дали Трамп имал криминален мотив. Но притоа изнел дури 11 случаи во кои е можно Трамп навистина да се обидел да ја попречи истрагата.

„Истрагата не успеа да утврди дали претседателот е целосно невин за опструкција. Извештајот вели дека доказите за постапките и намерите на претседателот претставуваат тешки прашања што нѐ спречува да заклучиме дека немало никакво кривично дело“, се наведува во извештајот.

Тие докази, како и оние кои ги изнесе за контактите и врските меѓу лица поврзани со Трамп и оние поврзани со руската влада, можеби не се доволни за кривична истрага, но сега Конгресот треба да утврди дали се доволен повод за повикување на политичка одговорност. Со други зборови, за почнување постапка за отповикување.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top