Зошто никој не го испраќа договорот од Нивици во Венециската комисија?

Во целата атмосфера на недоверба, можеби е добро решение и спогодбата со Грција и Законот за употреба на јазиците уште сега да се испратат на рецензија во ова советодавно тело на Советот на Европа..

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов сосема оправдано реши да не го потпишува указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција за промена на името на Република Македонија. Помина и второто собраниско гласање за овој закон, а Иванов повторно во јавноста излезе со ставот дека тој нема да потпишува неуставни закони и дека со прифаќањето на овој договор потпишан во Нивици (исто како и претходно со Законот за употреба на јазиците) креаторите и оние што ги изгласале овие закони прават кривично дело.

Точно е тоа дека според Уставот на Република Македонија претседателот е должен, по второто гласање во Собранието да го потише указот за неговото прогласување (иако во Уставот нема рок за тоа, како што е тоа прецизно напишано, 7 дена рок кога претседателот треба да се изјасни за некој закон по првото гласање).
И тука сега веќе не е важно дали претседателот ќе го искористи тоа т.н. „џебно вето" (непотпишување на указот додека тој смета дека треба), затоа што и во двата случаи тој смета дека се работи за кршење на Уставот и за правење кривично дело, а во случајот со Грција и предавство.

Тогаш зошто никој досега не ги испратил овие документи до Венциската комисија? Ако до Уставниот суд на Македонија може да се испрати веќе донесен закон, до Венециската комисија може да се испрати кој било законски проект уште во подготвителната фаза.
Иако ветуваше, власта сѐ уште не го испратила Законот за употреба на јазиците до Венециската комисија, а тоа ниту една институција не го прави ни со договорот за промена на името меѓу Македонија и Грција.

Зошто се избегнува тоа?

Од бриселски извори е јасно дека оваа спогодба со Грција е многу битна за западноевроските земји и за САД, дека ќе вложат многу овој договор да помине меѓу македонските граѓани. Ама не е јасно зошто опозицијата, заедно со Иванов, не ги коритсат сите инструменти за убедување на јавноста во неуставноста на овие постапки на власта и на крајот во кампања за бојкот на референдумот.

Најавата на претседателот на Собранието Талат Џафери дека тој без разлика на потписот на Иванов на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на договорот со Грција, ќе ги испрател овие закони да се објават во „Службен весник" со негов потпис е всушност најава за правење на уште едно кривично дело и кршење на Уставот.

Затоа сметам дека и Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да ја испратат спогодбата во Венециската комисија и да се обидат да ги одложат сите предвидени чекори (референдумот и уставните измени) сѐ до добивањето на мислењето на членовите на таа комисија.

А за ВМРО-ДПМНЕ единстевна шанса да го стопира преименувањето на Македонија, промената на Уставот, најавените промени во учебниците е бојкот на референдумот. Тоа раководството на оваа партија мофраше вчера да го соопшти, а не да чека какво ќе биде референдумското прашање, па дури тогаш да се изјасни. Треба да се организира добра правна експертиза на спогодбата, да се види колку таа спогодба кореспондира со Уставот иврз основа на тоа да се мотивираат граѓаните на бојкот. Освен тоа претпоставувам дека и во оваа фаза раководството на ВМРО-ДПМНЕ може да се обрати и до Уставниот суд на Република Македонија со иницијатива за тоа дали со своите постапки премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Талат Џафери го кршат Уставот.

Тука никој не треба да ги заборави и резултатите на бројните анкети за или против промена на името, за или против условот за членство во ЕУ и НАТО со променето име, за да се види какво е расположението на мнозинството од Македонците - тие се против таквите условувања.

Сите забелешки и предлози на експертите на Венециската комисија на македонскиот Закон за употребата на јазиците ќе бидат прифатени и применети. Ова го изјавија претставници на Владата и ветија дека ќе пратат изгласаниот закон на рецензија на ова советодавно тело на Советот на Европа. Тоа сѐ уште не се случи!

Александар Стојановски, Брисел

Извор: МКД.мк


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top