Зошто „Скопски пазар“ падна на дереџе да работи само за каматите на банкарските заеми?

„Скопски пазар“ работи за банките! Дури 82 отсто од неговата оперативна добивка отишла на отплата на камати за кредити и заеми на „Скопски пазар“..

Фирмата лани платила 45,3 милиони денари на камати, а нејзините приходи од продажба паднале за 25 отсто односно 168,5 милиони денари, но и покрај тоа, веројатно за мир во куќа, трошокот за вработени е намален само за 12 милиони денари

„Скопски пазар“ лани исплатил 82,5 отсто од оперативната добивка за да подмири финансиски расходи за камати, покажуваат официјалните податоци што ги објави таа голема трговска компанија. Овој показател сам за себе сосема јасно говори во каква финансиска состојба се наоѓа компанијата која порано важеше за трговски лидер во Скопје и неговата околина. Имено лани „Скопски пазар“ остварил добивка од оперативното работење во износ од 54,9 милиони денари што е повеќе од 10 отсто од приходите од продажба кои изнесувале 514,4 милиони денари. 
Во споредба со 2016 година приходот од продажба на „Скопски пазар“ лани паднал за 168,5 милиони денари што значи дека компанијата изгубила 25 отсто од својата пазарна позиција во 2016 година.

Останатите приходи лани изнесувале 95,9 милиони денари и во најголема мерка тоа се приходи кои се остварени од продажба на недвижности или опрема. Во споредба со 2016 година лани тие биле повисоки за 42 отсто. Но поради загубата на пазарната позиција компанијата лани имала ниво на оперативна добивка кое во ништо не се разликува од 2016 година. За губењето на пазарната позиција дополнително говори и ставката за набавната вредност на трговските стоки. Тука „Скопски пазар“ го намалил трошокот за 36 отсто односно 118 милиони денари до ниво од 210,9 милиони денари. На таков пад на трошокот за набавка на трговски стоки и на прометот на компанијата трошокот за вработени е намален за само 8 отсто односно за 12 милиони денари. Така, при големо губење на пазарната позиција компанијата имала голем трошок за вработените што укажува на голем пад на продуктивноста.

Како каматата ја јаде добивката на „Скопски пазар“

Компанијата успеала макар и за нијанса да ги намали финансиските расходи од 50 на 45 милиони денари односно на 10 отсто. Но тоа е неважно кога ќе се согледа дека компанијата троши 82,5 отсто од оперативната добивка на финансиски расходи. Добивката на „Скопски пазар“ на крај на 2017 година е сведена на 6,7 милиони денари и во однос на 2016 година е подобра на повеќе од 3 пати. Но кога се има во предвид за колкава компанија станува збор сепак добивката е прескромна.
Вкупните обврски на „Скопски пазар“ на крај на 2017 година се 1,122 милијарди денари (околу 19 милиони евра) и во однос на 2016 година се намалени за 6 отсто. Долгорочните кредитни обврски се 344,66 милиони денари и во однос на 2016 година се намалени за 21 отсто, а за краткорочни кредити се намалени за 13 отсто и изнесуваат 115,8 милиони денари. Тоа значи дека долгот по кредити е 460 милиони денари. На добавувачите им должи 258 милиони денари или 70 милиони денари помалку од лани.Наспроти тоа побарувањата се само 12 милиони денари. Останатите краткорочни обврски се значајно зголемени за 104 милиони денари до износ од 365 милиони денари.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top