Грешка беше, беше еуфорија. Како сите граѓани и ние сме еднакви пред законот и си плативме казна, призна Груби во интервју за ТВ21
Првиот вицепремиер Артан Груби вели дека ги платил казните од 500 и од 20 евра за неодамнешниот настан, кога на промовирањето на новите канцеларии на Министерството за политички систем и односни меѓу заедниците, функционери на ДУИ, без заштитни маски и дистанца, го славеа роденденот на лидерот Али Ахмети и тоа го овековечија со фотографија.
Вечерва во интервју за ТВ21 рече дека тој ги платил и своите казни и казната за лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Јас ја платив казната на Али Ахмети, другите сите сами си платија. Десет минути пред да се сликаме беше и Зоран Заев. Грешка беше. Беше еуфорија. Како сите граѓани и ние сме еднакви пред законот и си плативме казна“,
рече Груби во дебатниот магазин „Клик Плус“.
Груби е казнет со 500 евра откако Инспекторатот утврдил дека го прекршил Законот за заштита на населението од заразни болести затоа што како одговорно лице дозволил прослава без заштитни маски.