Monday, March 8, 2021
Home Балкан Харадинај: ЕУ со своето однесување ќе нè натера на обединување со Албанија

Харадинај: ЕУ со своето однесување ќе нè натера на обединување со Албанија

Лидерот на Алијансата за иднина на Косово и кандидат за претседател на Косово Рамуш Харадинај изјави денес дека со своето однесување кон Косово, Европската Унија може да ја натера Приштина на обединување со Албанија.

Харадинај, како што пренесува приштински Телеграфи, за време на претставувањето на изборната програма на својата партија беше многу критичен кон Европската Унија.

Тој го отвори прашањето што ќе се случи за четири или пет години ако на Косово нема напредок.

„Ако Косово не е пред вратата на НАТО и ако Косово нема либерализација на визниот режим со ЕУ, не постои признавање од петте земји членки на ЕУ, ако не сме пред вратата на ОН, што ќе правиме следно, дали ќе го прифатиме она во што се обидоа да нè убедат дека Косово е уморно, слабо“, праша Харадинај.

Тој праша дали Косово ќе прифати да биде дел од замрзнат конфликт и додаде дека Косово не може да чека додека другите не бидат расположени да ги затворат многуте отворени теми.

„Косово треба да одлучи што понатаму а не да ни кажуваат причекајте да видиме што ќе правиме со вас. Ние нема да прифатиме замрзнат конфликт, нема да дозволиме да нè делат, но ќе одиме на референдум за обединување со Албанија. Запомнете го тоа, не затоа што ние така сакаме, бидејќи 20 години на Западот му кажуваме дека сме за евроатлантско Косово, да бидеме дел од ЕУ и НАТО, да станеме членка на ЕУ“, кажа Харадинај.

Тој истакна дека ЕУ ако сака, би можела да ги убеди петте членки да го признаат Косово, наместо граѓаните на Косово да ги остави „изолирани, и повремено да им кажува дека сте виновни за ова или она“.

„Зар Србија и другите соседни земји се совршени? Не можеме да чекаме додека некој не биде расположен да го реши косовското прашање“, кажа Харадинај.

Популарно

- Реклама -