Премиерот Зоран Заев вели дека секогаш кога изминатите години давал одговори на прашања поврзани со „Монструм“ оставал резерва, зборувал за своите впечатоци, но и кажувал дека последниот збор ќе го имаат правосудните органи.
Ваков коментар тој даде на прашање дали сè уште стои на ставот дека други лица го сториле петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012. Заев тврди дека ако имал информации дека некој друг е виновен, досега ќе посочел.
„Ако имав да посочам други лица, од 2015 до сега ќе ги посочев. Никогаш не сум спомнал друго лице, да посочам директно јас дека е виновно друго лице. Сум давал коментари, свои задршки, резерви за тоа што било соопштено во јавноста преку читање на пресудите тогаш достапни. Тоа што сум го видел на материјалите, сум давал одговор за тоа што сум го мислел, но секогаш сум кажувал дека последниот збор е на правосудството“, изјави денеска премиерот.
Во 2015 година, за време на објавувањето на „бомбите“ Заев во една прилика изјави дека луѓето кои се осудени за петкратното убиство кај Смилковско Езеро се невини.
Во тек е судењето за случајот „Монструм“, а на последното рочиште обвинителката Фатиме Фетаи рече дека во овој случај станува збор за тероризам и побара затворски казни за петмина од обвинетите кои и претходно беа осудени.