Thursday, February 25, 2021
Home Популарно ЕУ се налути: Плативме милијарди,а нема вакцини

ЕУ се налути: Плативме милијарди,а нема вакцини

Европската унија не е задоволна од одговорите на фармацевтската компанија АстраЗенека и сака точно да знае дали и на кого им се доставувани произведените вакцини досега, изјави вечерва комесарката за здравство Стела Киријакидес.

„Европската унија го финансираше пред-финансирањето на развојот и производството на вакцините и сака да види поврат на инвестицијата. Таа сака да знае точно дали се испорачани дозите што АстраЗенека ги произведува досега и, ако е така, кому“, рече Киријакидес по состанокот на Комисијата, земјите-членки и британско-шведската компанија АстраЗенека.

Минатиот петок, AstraZeneca „изненадувачки“ го информира Брисел дека нема да може да доставува количини вакцини во наредните недели според договорот што го потпишале со Европската комисија.

„ЕУ сака порачаните и платените дози на вакцини да бидат доставени што е можно побрзо и ние сакаме договорот да се почитува во целост“, нагласи комесарката.

Таа најави дека во иднина, сите компании кои произведуваат вакцини против „ковид-19“ ќе треба однапред да ја известат Комисијата кога сакаат да извезуваат вакцини, произведени во ЕУ, во трети земји, а тоа нема да важи само за испораки во хуманитарни цели.

Затоа, Комисијата им предложи на земјите-членки да воспостават механизам за транспарентност на извозот на вакцините од ЕУ што е можно поскоро.

„Ние сакаме јасност и транспарентност во врска со извозот на вакцини од ЕУ“, рече Киријакидес, додавајќи дека ЕУ досега го поддржувала брзиот развој и производство на неколку вакцини против „ковид-19“, во вкупна вредност од 2,7 милијарди евра.

Бидејќи одговорите на прашањата поставени од Комисијата на попладневниот состанок биле незадоволителни, Киријакидес вечерва најави нов состанок со претставниците на АстраЗенека.

„ЕУ ќе стори сé што е потребно за да ги заштити своите граѓани и нивните права“, рече комесарката.

Европската агенција за лекови се очекува да ја одобри употребата на вакцината, изработена од „АстраЗенека“ во соработка со Универзитетот „Оксфорд“, во петок, но тоа ќе биде од мала вредност доколку компанијата остане на најавите дека ќе има доцнење во испораката на вакцините.

Популарно

- Реклама -