Sunday, April 11, 2021
HomeМакедонијаМицкоски од креветот во Инфективна ја одби понудата на Заев до ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски од креветот во Инфективна ја одби понудата на Заев до ВМРО-ДПМНЕ

Во одговор до премиерот Зоран Заев на неговата понуда за поширока коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но без Христијан Мицкоски, лидерот на партијата соопшти дека се наоѓа на Инфективната клиника во сериозна здравствена ситуација по заразувањето со Ковид-19.

„Имам една порака до вас, господа од власта, заедно со вашите лакеи, за мене денес е исклучително тежок ден. Пеколно тежок ден бил деветтиот, најтешкиот; се борам со болеста, тешко дишам, а главата ми пука од температура, но јас имам енергија, мотив и волја и за борба со вас.

Ова го пишувам од собата во Инфективната клиника со сиот револт во себе што ѝ направивте на Македонија. Има начин да се спасите од мене, да не се разбудам утре или денот потоа и тогаш можеби ќе ви биде полесно да пронајдете соодветен соговорник“, напиша Мицкоски отфрлајќи ја понудата на Заев.

Мицкоски вели: „Тој филм нема да го гледате и ви ветувам дека ќе се изборам со болеста, ќе излезам од Инфективна, а потоа нѐ чека многу работа“.

Во другиот дел од пораката лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта ја покажала „сета своја немоќ на отворена сцена како се обидува византиски убедена од своите лакеи (поранешни високи функционери на опозицијата), како се препелка нудејќи поделба на власта, ама јас да не сум бил дел од неа бидејќи со мене немало договор“.

Христијан Мицкоски пред неколку дена соопшти дека е позитивен на Ковид-19, но овој одговор на Фејсбук е првата информација дека неговата состојба се влошила и дека завршил на Инфективната клиника.

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img