Најмалку 17.000 медицински лица починале ширум светот од КОВИД-19 во изминатата година. Ова се наведува во анализата на Амнести Интернешнл, Меѓународната служба за јавни услуги (ПСИ) и Глобалната унија – УНИ.
Организациите повикуваат на итна акција за вакцинирање на медицинскиот персонал.
-На секои 30 минути во светот умира по еден лекар. Медицинскиот персонал ширум светот ги ризикува своите животи обидувајќи се да ги заштити луѓето од КОВИД-19, но премногу од нив остануваат без заштита и платија висока цена за тоа, рече шефот за социјална правда во Амнести Интернешнл Стив Кокбурн.
Авторите на извештајот анализирале податоци од над 80 земји, објавени од владите, синдикатите, медиумите и граѓанските организации. Тие забележуваат дека бројките може многу да се зголемат, бидејќи многу влади не собираат официјални податоци или делумно го прават тоа.