Thursday, May 13, 2021
HomeЗдравјеФајзер и Модерна се ефикасни кај бремени жени и доилки, антителата се...

Фајзер и Модерна се ефикасни кај бремени жени и доилки, антителата се пренесуваат на бебињата

Вакцините на Pfizer / BioNTech и Moderna против коронавирус се ефикасни кај бремени жени и доилки кои можат да ги пренесат антителата на новороденчињата.

Тоа го покажало истражувањето објавено во американското стручно списание American Journal of Obstetrics and Gynecology.

Научниците од болниците Massachusetts General и Brigham and Women’s Institute Ragon при МГХ, МИТ и Универзитетот Харвард проучиле 131 жена вакцинирани со Pfizer / BioNTech или Moderna, објави Си-Ен-Ен. Меѓу нив, 84 биле бремени, 31 доеле, а 16 не биле бремени.

Нивните примероци биле собрани од 17 декември 2020 година до 2 март 2021 година.

Нивоата на антитела, предизвикани од вакцинација, биле исти кај бремените жени и доилките како и кај небремените жени. Тимот забележал дека нивото на антитела по вакцинацијата е „значително повисоко“ од антителата генерирани по инфекцијата со коронавирус за време на бременоста.

„Се чини дека овие вакцини делуваат исклучително ефикасно кај овие жени“, изјавил еден од научниците, Галит Алтер, професор на Институтот „Рагон“.

Покрај ова, тимот открил дека жените ги пренесувале овие заштитни антитела на своите бебиња и тие биле мерени во мајчиното млеко и плацентата.

„Речиси сите мајки пренесоа пристојно ниво на антитела на своите бебиња“, рече Алтер, додавајќи дека се потребни дополнителни истражувања за да се разбере колку траат овие заштитни антитела кај бебињата.

Испитаниците го користеле системот на Центрите за контрола и превенција на болести во САД за да пријават несакани ефекти на вакцинацијата.

Алтер вели дека нема докази дека имало повеќе несакани ефекти или поинтензивни несакани ефекти кај таа група жени во споредба со општата популација.

Иако тимот открил дека кај жените вклучени во студијата и вакцинирани со двете вакцини, нивото на антитела е слично, Алтер рече дека откриле повисоки нивоа на IgA антитела кај бремените жени вакцинирани со Модерна.

Таа додаде дека овој тип на антитела може со текот на времето да се пренесе поефикасно на бебињата.

„Постојат некои причини да се верува дека повисоките нивоа на IgA имунитет обезбедуваат поголема заштита“, додаде Алтер. Таа вели дека се потребни дополнителни истражувања за да се донесат подобри одлуки за тоа кои вакцини треба да им се даваат на бремените жени.

Неодамнешното истражување открило дека вакцините засновани на технологија на РНК гласник предизвикуваат производство на антитела кај бремените жени, што можат да се пренесат на бебињата.

Бремените жени и доилки не биле вклучени во првите клинички испитувања на вакцината.

Алтер вели дека двете американски болници почнале да разговараат со бремените здравствени работници за нивното учество во студијата што резултирало со овие податоци.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, бремените жени со ковид-19 имаат поголем ризик од развој на потешка форма на болеста и поголем ризик од предвремено породување.

ЦДЦ ги чека резултатите од новата студија во која учествувале повеќе од 3.600 бремени жени.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img