Thursday, May 13, 2021
HomeМакедонијаВМРО на Каракачанов не влегува во парламентот, пирова победа на Борисов

ВМРО на Каракачанов не влегува во парламентот, пирова победа на Борисов

Жешка изборна шлаканица за партиите што беа во досегашниот парламент. катастрофа за БСП. По подолго време во собранието нема да има екстремна националистичка партија

 

Партијата на премиерот Бојко Борисов, ГЕРБ, победи на изборите во Бугарија, но изгледа дека тоа ќе биде горчлива победа, затоа што формирањето нова влада ќе биде речиси невозможна мисија за него. Според резултатите од 42,17 отсто официјално избројаните гласови, втора партија е Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, а националистите од ВМРО остануваат надвор од парламентот затоа што не можат да ја поминат границата од четири проценти.

Бугарските медиуми пишуваат дека резултатите се жешка шлаканица за сите партии кои се во сегашниот парламент и дека по долго време во собранието нема да има партии со екстремна националистичка програма. Бугарите се незадоволни од досегашното владеење обележано со корупција и голем притисок врз медиумите и јасно е дека пораките од протестите од минатото лето, иако беа прекинати есента поради короната, сѐ уште одѕвонуваат кај луѓето.

Друг важен резултат од изборите е катастрофата на Бугарската социјалистичка партија (БСП), која освои само половина од гласовите пред четири години. БСП како да не разбра што се случува во општеството и остана нереформирана, без модерна порака, како да живее на почетокот на 1990-тите. За неа ковид-кризата имаше посебен удар, бидејќи се потпира главно врз постарите гласачи, а тие поради стравот од короната во голема мерка останаа дома и не излегоа на биралиштата.

Според резултатите, победата на коалицијата на премиерот на ГЕРБ и СДС е со само 24,15% од гласовите (пред четири години 32,7 отсто). Втора политичка сила е Има таков народ на Слави Трифонов со дури 19 проценти. Трета партија е е БСП со 14,88 отсто.

Извонреден успех покажува проевропската партија Демократска Бугарија на борецот против корупцијата Христо Иванов (министер за правда во втората влада на Борисов) која освои 10,97 отсто, а дури петта е партијата околу која гравитираат етничките Турци, ДПС, со 8,71 проценти.

Последната политичка формација што успеа да ја премине изборната бариера е протестирачката коалиција „Исправи се. Мутри надвор“ на Маја Манолова и Отровното трио. Таа има 5,08 отсто од гласовите.

Засега најголем губитник е ВМРО, кое има 3,58 отсто од гласовите. Партијата на Красимир Каракачанов одлучи да се раздели од коалицијата „Обединети патриоти“, верувајќи дека сама може да го прескокне изборниот праг, но според досегашните резултати тоа не ѝ успеа. Другите две партии од националистичката коалиција се далеку од поминувањето на прагот.

Проруската партија АБВ освои само 0,51 отсто, а либералната Републиканци за Бугарија 1,05 отсто.

Вториот важен резултат од овие избори е што по долго време ГЕРБ на Борисов не е победник во Софија, пред неа е убедливо Има таков народ. Тоа за Борисов е особено болен пораз затоа што политичката кариера ја почна како градоначалник на Софија.

Според резултатите од гласачите во странство (избројани 87 отсто) партијата на Слави Трифонов ја освои најголемата поддршка (29,8 отсто) а по неа се Демократска Бугарија и ДПС. Поддршаката за Борисов од оние што работат и живеат во странство е многу мала, едвај 8,7 проценти.

Очигледно во Бугарија дојде моментот за промена, но никој, барем утринава, не знае како ќе се развиваат работите. Едно е сосема јасно, ГЕРБ победи, но тоа е пирова победа и прашање е дали може да биде и дел од власта, а не да ја предводи.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img