Tuesday, January 26, 2021
Home Технологија Се враќа „Галаксија“ - првиот југословенски компјутер

Се враќа „Галаксија“ – првиот југословенски компјутер

На почетокот на 80-тите години, кога во светот на компјутерите владееја имиња како Commodore и Sinclair, пронаоѓачот, писател и новинар Воја Антониќ на пазарот на тогашна Југославија го претстави компјутерот „Галаксија“.

Овој 8-битен уред што се склопуваше по принципот „направи сам“, го делеше процесорот со Sinclair ЗХ80 и се продаваше од 1984 година преку истоименото списание за популаризација на науката, и тоа во делови, па мораше сами да го составите ако сакате да го користите. Сè на сè, ова беше првиот персонален компјутер произведен во Југославија.

Враќање на легендата

Едно од легендарните „парчиња“ технолошка историја на овие простори сега ќе биде оживеано со помош на crowd-funding иницијатива. Имено, оваа недела успешно беше завршена кампањата на платформата Crowd Supply, каде Антониќ и тим ентузијасти собраа 17.000 американски долари за документарен филм и нова продукција на „Галаксија“ во минимално освежена верзија.

Овој рудиментарен компјутер сепак ќе се заснова на истиот процесор и меморија, а само копчињата и нивните прекинувачи ќе бидат во помодерен дизајн. Имено, тие велат дека денес е невозможно да се добијат оригиналните прекинувачи и копчиња, пренесува порталот Bug.

Купувачите кои ќе издвојат 299 долари ќе го добијат целиот ретро „Галаксија“ во делови што ќе треба сами да ги соберат и склопат. После тоа, ќе имаат целосно функционален компјутер од 80-тите, заедно со вградениот BASIC, така што ќе можат веднаш да го поврзат со ТВ или монитор.

Што се однесува до документaрецот, Антониќ и тимот веќе имаат подготвено голем дел од материјалот, но сепак треба да снимат неколку интервјуа со главните актери ширум поранешна Југославија. Снимањето ќе се одвива во Србија, Словенија, Црна Гора и Хрватска.

Популарно