Thursday, May 13, 2021
HomeМакедонијаЧумата не ѝ може ништо на Црквата, пак ќе се причестува со...

Чумата не ѝ може ништо на Црквата, пак ќе се причестува со иста лажичка

Кој чувствува страв дека можеби ќе се зарази со ковид-19 поради тоа што се причестил од иста лажичка со други верници, тој нека не пристапува. Ние никого не тераме со сила. Ние велиме дека Господ нè чува, а токму Господ ни дарил ум за да размислуваме што е добро, а што е лошо за нас. Секој нека си размисли дали да се причести, никој не е присилен, истакна владиката Тимотеј.

Ќе ангажираме професионални обезбедувачи кои ќе бидат распоредени пред црквите и ќе ги опоменуваат верниците да носат маски и да одржуваат дистанца за време на претстојниот празник Велигден, истакна за Плусинфо митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј.

Тој вели дека очекува голем број верници да излезат пред храмовите ноќта сабота кон недела, но како што вели, не верува дека ќе има толкава масовност како пред пандемијата.

– Во пресрет на големиот празник Велигден, кога голем број верници ќе излезат пред црквите за да го прослават Воскресението Христово, имаме план да ангажираме професионални обезбедувачи кои ќе бидат распоредени пред храмовите и кои ќе го одржуваат редот помеѓу верниците. Исто така, ангажирани ќе бидат и некои верници кои во улога на редари ќе ги опоменуваат присутните да носат заштитни маски на лицата и да ја одржуваат потребната дистанца – рече Тимотеј.

Во поглед на причестувањето од една иста лажичка, владиката рече дека Црквата никогаш не го менувала начинот за примање на Светата причест, а нема ни сега.

– Кој чувствува страв дека можеби ќе се зарази со ковид-19 поради тоа што се причестил од иста лажичка со други верници, тој нека не пристапува. Ние никого не тераме со сила. Ние велиме дека Господ нè чува, а токму Господ ни дарил ум за да размислуваме што е добро, а што е лошо за нас. Секој нека си размисли дали да се причести, никој не е присилен – истакна владиката.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера соопшти дека по предлог на Кризниот штаб, за Велигден и за Рамазан Бајрам, нема да има полициски час, но предуслов за таа препорака, посочи тој, било организирање на богослужби и молитви надвор од верските објекти, на што верските лидери на МПЦ-ОА и ИВЗ се согласиле.

Владата и поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ на вчерашниот состанок се согласиле дека од голема важност е дисциплината и индивидуалната одговорност на верниците и на граѓаните, во делот на почитувањето на важечките протоколи, како што се носењето маска на отворен и затворен простор, држење дистанца, негрупирање, присуството во внатрешноста на верските објекти да не е поголемо од 30 отсто исполнетост на капацитетот.

Извор: Плусинфо

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img