Wednesday, June 23, 2021
HomeЗдравјеЌе има ли трета доза вакцина за тие што не развиле антитела...

Ќе има ли трета доза вакцина за тие што не развиле антитела од „Синофарм”?

Граѓаните деновиве масовно проверуваат дали развиле антитела по примени вакцини, со цел да се осигураат дека се заштитени од коронавирусот. Меѓу дел од нив постои сомнеж за ефикасноста на кинеската вакцина „Синофарм“, затоа што истражувањето на Институтот за медицински истражувања во Белград покажа дека 20 проценти од ревакцнираните со „Синофарм“ во Србија немале антитела после втората доза и тоа претежно постарите од 70 години кои се примарна критична група во ризик да развие сериозна инфекција од ковид.

Експертите велат дека нема потреба граѓаните да се изложуваат на трошок и да проверуваат антитела после вакцинацијата. Приватните лаборатории за оваа услуга наплаќаат околу 2.000 денари, но антителата не се единствениот параметар кој покажува дека некој е заштитен од коронавирусот. Вториот параметар е клеточниот имунитет кој нема да се види на тест за антитела, а кој е еквивалентно важен.

– Граѓаните не треба да испитуваат антитела и не треба да се оптоваруваат со тоа. Целта на вакцината не е индивидуално да се вакцинираме, туку да имаме колективен имунитет. Тие што имаат послаб имунитет, да бидат заштитени од другите. Тие дваесет проценти што немаат антитела, ќе бидат заштитени од осумдесетте проценти кои имаат антитела, а можеби и се веќе заштитени. Не знаеме за тоа, зашто антителата се само еден знак. Можеби имаат клеточен имунитет, изјави професор доктор Никола Пановски за „Слободен печат“.

Вакцината на „Синофарм“ е специфична, бидејќи антителата од неа се развиваат дури шест недели по примањето на втората доза.

Во некои земји, како на пример Обединети Арапски Емирати, се дава и трета доза од вакцината на „Синофарм“, за тие граѓани кои не развиле антитела после втората доза. И кралството Бахреин се приклучи во малата група на земји што администрираат трета доза бустер од „Синофарм“, и тоа за здравствени работници, стари лица и хронично болни.  Доктор Пановски смета дека нема логика на граѓаните кои не развиле имунитет по две дози од оваа вакцина, да им се дава трета доза од Синофарм, зашто резултатот најверојатно ќе биде идентичен. Според него, кога во земјава ќе има големо количество вакцини, за половина година или една година од сега, на овие граѓани треба да им се понуди да се вакцинираат со трета доза, ама од друг производител.

Директорот на Институтот за имунологија, доктор Александар Петличковски за Слободен печат вели дека за граѓаните што не развиле имунитет после две дози Синофарм, треба да се размислува да се даде трета доза од друг производител.

Официјален став на македонските здравствени власти за тоа дали треба да има трета доза за тие што не развиле антитела, уште нема. Претседателката на Комитетот за имунизација професор доктор Александра Грозданова ни изјави дека кога комисијата ќе донесе официјален став, јавноста ќе биде информирана.

„Националниот Комитет за имунизација ги следи препораките на светските регулаторни тела и во следниот период ќе излезе со официјален став по ова прашање”, изјавија од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

На Медицинскиот факултет во Скопје спроведена е студија за вакцинација кај здравствени работници со „Фајзер“. Се проверувале антитела пред првата доза, три недели по првата доза и месец дена по втората доза.

– Тие што имаа антитела пред првата доза, повеќето без да знаат дека имале контакт со вирусот, дури и само малку над референтнатна вредност еден, три недели по првата доза имаа антитела над 100. Очекувам дека слични резултати се добиени и за „Спутник“. Дел од нив сепак примија втора доза со образложение дека им треба заради вакциналниот пасош. Кога би ме прашале, барем за „Фајзер“ би давал само една доза кај прележаните. Сосема е доволна, а веројатно и за другите вакцини, вели доктор Пановски.

Над 400 илјади граѓани изразиле интерес да се вакцинираат на сајтот „вакцинација.мк“. Досега вакцинирани се 220.733 граѓани.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img