Wednesday, June 23, 2021
HomeМакедонијаБогдановска: Јас – наставник за секогаш!

Богдановска: Јас – наставник за секогаш!

Мојот текст носи наслов: Јас – наставник за секогаш! И, не сум анонимна! Зошто? 

Затоа што имам име и презиме: Емилија Богданоска – Трифуновска, имам професија: дипломиран професор по историја и затоа што нема од што да се плашам и срамам, бидејќи не правам ништо срамно и лошо со тоа што си ја сакам професијата, се борам за неа, за подобро образование, а со тоа се борам за мене, моите колеги, моите ученици и за вас – нивните родители.

Сите сме сведоци на константно тонење на државата, а со тоа и на образованието. 

На сите тестови во организација на Обединетите Нации, а се за јазична и математичка писменост нашите ученици се на дното на табелата. На што се должи тоа?

Според мене тоа најмногу се должи на сите неуспешни експерименти и штетни одлуки на Министерството за образование (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО).

Да не одиме подалеку, тргнете од програмите Кембриџ, кои во почетокот ги прифатиле мал број на земји и набрзо ги напуштиле, како неодржливи, штетни и бескорисни. Кај нас тие сеуште се спроведуваат иако институцијата која ги имаше предложено тие програми престана да постои, затворена е! Значи проектот е пропаднат! Само кај нас не!

Наставните планови и програми, кои ги изготвува БРО потфрлија, учебниците кои беа “напишани” со copy – paste од странска литература се покажаа бескорисни.

Што се случи? Се влегува од една во друга грешка, од една во друга лудост. Наместо да се подобрат работите, тие се влошуваат до таа мера што човек има чувство дека “ова мора да е дното”! И, наеднаш МОН и БРО не “изненадуваат” и ни покажуваат со новите измени и содржини во т.н. Концепција за основно образование дека дното сеуште не е достигнато, дека нашето образование е во амбис без дното и за тонење има време колку што тие сакаат или колку што ќе им биде дозволено од сите нас.

Уште од декември минатата година, кога се обзнани намерата на МОН и БРО за укинување на предметот историја, кој го предавам јас, често бев прашана од луѓето, што понатаму? Што ќе предавам јас? Мојот одговор беше дека тоа е навистина страшно, но со оглед дека имаме ветување од укинувачите на историјата  (власта, поради политички потреби), според кое сите наставници ќе го задржат своето работно место и плата, јас немам проблем и да предавам за летот на Мајскиот бумбар. Проблемот е: што со ништењето и политичкото пренапишување на нашата историја, што со сите нас како народ? Што со тоа?

И ден денес мојот народ молчи!

Во денешно време, време на 21 век, во нашата држава, во некои рурални средини сеуште имаме училишта со инфраструктура како од хорор филмовите. Државата треба тековно да планира средства за санација на тие работи, а не да се чекаат избори, па власта бомбастично да се фали дека закрпила покрив, набавила нови столчиња, сменила прозори или врати. За гревота и за срамота! 

Што со тоа дека најголем број училишта немаат скоро никакви нагледни средства и помагала? Што може да направи наставникот  за да ја направи наставата интерактивна, поинтересна и полесна? 

Што со тоа дека константно фалеа учебници по разни предмети и во разни одделенија?

На ова последново имаме разврска и решение со одлуката на МОН и БРО да нема печатени учебници од 4 до 9 одделение. Страв човек да го фати да се пожали дека столчињата се стари, дека таванот прокапува, оти ќе донесат одлука да нема ни училишна зграда!

До кога и до каде вака?

Пари ненаменски се трошат, од кондоми и лубриканти, до јаткасти плодови, бифтеци, алкохолни пијалаци, работни ручеци, патни трошоци, работа во комисии, летање со хеликоптер итн. Кредити се земаат за сето тоа, Македонија како никогаш до сега се задолжува!

До кога ќе дозволиме тонење на нашата татковина, до кога ќе дозволиме обезличување на нас како народ и до кога ќе дозволиме вакво пустошење на образованието на нашите најмили, на нашите деца?

Јас не можам место вас и во ваше има да одговорам, но можам да го споделам мојот став со вас. 

Низ годините ние наставниците станавме писари, не затрупаа со администрација, ни ја омаловажија професијата со тоа што се дозволи вршење на притисок врз нас за оцени (тука и некои од вас си имаат заслуга), ја одзедоа воспитната компонента во образовниот процес и утнаа се што можеше да се утне со наставните планови, програми и учебници.

Голем дел од моите колеги молчат, кој од страв за своето работно место, кој од страв како ќе го казнат за непослушноста во партијата на која и припаѓа, кој од индиферентноста и ставот: арно е дури има плата. 

Да се разбереме, никој на никого не му спори да членува во било каква организација или здружение, никој на никого не му брани да има свое мислење и тоа е во ред, но проблемот настанува кога се претвораме во послушници и статисти, а ова важи и за вас мои читатели. 

Мојата девиза е: ако веќе сум мала, избирам да сум срча, а не зрно песок, за да ме почувствуваат ако ме цапнат. Мојот избор е да имам свој став и да не се плашам да го кажам, мојот избор е да припаѓам меѓу истомисленици, а такви најдов во ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија. Често бев запрашана зошто се одлучив за ИНТЕГРА, партија која не е голема и која е млада на политичката сцена. Одговорот е тоа дека таму сум еднаква меѓу еднаквите, дека сум во средина каде како никаде на друго место има интелект, итегритет, стручност, човечност и чесност. ИНТЕГРА, ако и се даде шанса знае како да ги подобри работите секаде, не само во образованието, знае дека прво и основно за да има образование треба да имаме ученици, со оглед на тоа дека секоја учебна година во прво одделение се запишуваат се помалку ученици, има се помалку матуранти и студенти, а се зголемува бројот на тие кои одлучиле надвор од државава да се образуваат и да не се вратат повеќе.

Ние, од ИНТЕГРА, знаеме дека криминалот, лошото судство, здравство, уништеното образование се одлука и избор на власта и дека единствен лек за тоа е вашата мудрост и храброст да одлучите вашиот глас да не и го дадете на таквата власт и да бидете мудри да согледате дека до сега ниту една власт не ви го подобрила животот, не ви го заштитила достоинството, ве обезличија и како единки и како народ, генерации и генерации поминаа во лошо образование. Не чудете се на слабиот квалитет на доктори, адвокати, судии, академици, професори, наставници, работници… (со чест на исклучоци сегде). 

Искрено, од точка до запирка, 

Емилија Богдановска – Трифуновска, дипломиран професор по историја,

 член на Претседателство на ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија, 

ресор образование.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img