За блокадата, што може да доведе до голема криза,воведно излагање имал претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, проследен од германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја претседава со Советот на ЕУ, која накратко ја опиша моменталната состојба.

Говореле и унгарскиот и полскиот премиер Виктор Орбан и Матеуш Моравиецки, кои го блокираат седумгодишниот план за буџет и закрепнување, пакет во вкупен износ од 1.824 милијарди евра, бидејќи не се согласуваат дека распределбата на европските средства е условена од владеењето на правото.

Петти говорник бил словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој во писмото до лидерите на ЕУ покажа целосно разбирање за унгарските и полските аргументи, иако Словенија не го блокирала усвојувањето на пакетот.

Дипломатски извори велат дека Мишел ги контактирал сите лидери на земјите-членки пред самитот за да се осигура дека „дебатата е под контрола“.

Не се очекувало многу од самата дискусија, имајќи предвид дека станува збор за видео состанок, несоодветен формат за дискутирање на толку сложени прашања , за што е невозможно да се постигне напредок без директни разговори и билатерални средби.

Дипломатски извори посочуваат дека тие „не ја потценуваат сериозноста на ситуацијата“ и велат дека политичкиот договор постигнат на самитот во јули треба да се спроведе што е можно побрзо, со донесување на потребните закони.

Лидерите на ЕУ во јули постигнаа политички договор за нов седумгодишен буџет за 2021-2027 година вреден 1074 милијарди евра и план за закрепнување од 750 милијарди евра, од кои 390 милијарди се грантови и 360 милијарди се заеми. Вкупно, тоа се над 1800 милијарди евра.

За да се спроведе овој политички договор, потребен е законодавен процес, што е работа на Советот и на Европскиот парламент. Сега е заглавен поради противењето на Унгарија и Полска.

Неопходно е да се најде излез од оваа ситуација што е можно поскоро со оглед на тешката економска состојба како резултат на пандемијата на коронавирус. Повеќето земји-членки посочуваат дека итно им се потребни европски средства и дека е недопустливо сите да бидат заложници на двете земји.

Откако разговараа за повеќегодишниот буџет и планот за закрепнување, лидерите го продолжија самитот со дискусија за координирање на борбата против пандемијата на коронавирус.