Wednesday, September 29, 2021
HomeМакедонијаМицкоски не ја признава оставката на Филипче, бара да ја достави во...

Мицкоски не ја признава оставката на Филипче, бара да ја достави во Собранието

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја искористи денешната прес конференција да ја девалвира оставката која во петокот од морални причини ја даде министерот за здравство Венко Филипче поради пожарот во тетовската болница во кој животот го загубија 14 лица.

Имено, Мицкоски, оставката ја нарече „фингирана“ и даде рок до вторник рано претпладне Министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието на Република Македонија, за, според Мицкоски „тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден“.

-Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, ќе поднесе до Собранието Предлог Oдлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, се закани Мицкоски додавајќи дека Предлог одлуките за разрешување ќе биде доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата седница.

Од друга страна, реагираа од владејачката партија, од каде се повикаат на член 94 од Уставот, наведувајќи дека ,,член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот”.

„Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница“, стои во реакцијата од СДСМ.

Од друга страна, професорот од Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, вели дека министерот оставка од својата функција може да поднесе до премиерот, а не до Собранието, од причина што премиерот е тој кој ги именува министрите.

– Оставка се поднесува до мандаторот кој вас ве предложил. Нема што министерот да му поднесува оставка на спикерот Талат Џафери. Заев е мандатар, тој форимирал влада, а Филипче е тим од владата. Ако ја прифати премиерот оставката, на негово место ќе предложи друг за кој потоа ќе се изјасни Собранието. Собранието само гласа тоа што ќе му предложи мандаторот. ВМРО-ДПМНЕ може да поднесе барање за разрешување на министерот, но мора убаво да ги образложат причините по кои Собранието ќе расправа и сето тоа пак ќе се сведе на интерпелација. Ваквите изведби на ВМРО-ДПМНЕ се игри за ситни политички поени. Правилата се јасни – вели професор Давитковски.

Овој став го потенцираше и собранискиот спикер Талат Џафери во изјава за Сител, нагласувајќи дека „пратеник или пратеници не можат да побараат разрешување на министер, тоа право го има само премиерот односно мандатарот кој го предложил за оваа позиција“, па оттаму е излишно барањето на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче својата оставка да ја достави до парламентот, зошто таа секако ќе стигне пред пратениците, но преку премиерот.

Министерот за здравство во петокот попладне соопшти дека поднел оставка до претседателот на Владата Зоран Заев.

„Како лекар и министер имам интегритет, затоа денес од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, рече Филипче во кусото обраќање.

Премиерот потоа соопшти дека ги примил поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми и “ги разбира како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи“.

-Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага, нагласи Заев во објавата на својот Фејбук профил без да прецизира кога точно ќе се изјасни за понудените оставки по повод трагедијата во тетовската модуларна болница каде во пожар загинаа 14 лица, а 15-тата жртва е пациент кој неуспешно бил реанимиран во моментот на избивањето на пожарот.

Засега е извесно само дека е отворена истрага за случајот во Тетово, во која се вклучени и германски форензичари кои ќе помогнат да се расветлат околностите кои доведоа да трагедија и точно да се лоцира одговорноста.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img