Monday, October 25, 2021
HomeМакедонијаСлавче Таневски: „Убавината на мојата работа е што можам да ги менувам...

Славче Таневски: „Убавината на мојата работа е што можам да ги менувам световите во кои се наоѓам“

Многу јубилеи во исто време. Славче Таневски во јули одбележа десет години работа во Mercedes-Benz. Неколку месеци подоцна, врвниот автомобилски дизајнер од Македонија на штотуку завршениот автосалон ИАА го претстави пред публиката Concept Maybach-Mercedes EQS, концепт по 100 години од зачетокот на најлуксузната германска марка.

Славче Таневски беше еден од најзафатените домаќини за време на одржувањето на салонот ИАА Мобилност во Минхен, со цели денови поминати во интервјуа и разговори. Concept Mercedes-Maybach EQS несомнено е меѓу најголемите автомобилски ѕвезди на најважниот настан преку кого што браншата годинава му се претстави на светот. Неговиот дизајн на ултра луксузниот СУВ со електричен погон се случува по 100 години откако Вилхелм и Карл Мајбах започнаа со изработка на автомобили со целта да го понудат „најдоброто од најдоброто“.

Со секој следен автомобилски настан од глобални размери се докажува веродостојноста на тврдењето на редакцијата на Аутомедиа, откако во едно од претходните интервјуа го величавме Славче Таневски како највлијателен Македонец на автомобилската сцена. И доказот за тоа не можеше да биде поверодостоен. Таневски го дизајнираше Concept Mercedes-Maybach EQS, што наскоро стартува со сериско производство, како прв модел со чисто електричен погон од најлуксузната марка во портфолиото на Mercedes-Benz Cars. Секогаш постои повод за интервју со македонскиот автомобилски дизајнер и секогаш има по нешто ново и вредно од непрегледно богатиот свет на создавање автомобили на Славче Таневски.

Да ја потсетиме македонската публика, којашто покажува посебен интерес за секоја објава во којашто се спомнува Вашето име, на сериските и на концептните автомобили чијшто изглед го имате создадено во изминатите десет години во Mercedes-Benz Cars.
Славче Таневски: Веднаш после студентскиот проект Mercedes Nimbus и дипломската работа Mercedes Aria, го создадов и GLC Coupe. Автомобил кој немаше претходник и стана најпродаваното купе кое го имаме на пазарот. Шест години по промоцијата и со еден фејслифт, тоа сé уште изгледа свежо и моќно како појава. Наредниот предизвик беше B-Class каде што имавме голем габарит. Тоа е висока кола што бара посебна умешност и трикови за да создадете атрактивен автомобил. Тука мојот придонес беше само во страничниот дел на автомобилот, додека предниот и задниот дел беа од друг дизајнер. Хронолошки доаѓа Concept EQA кој беше претставен на IAA во Франкфурт 2017 и предводник е на сите возила од нашиот електричен бренд EQ. Тоа што го ветивме на тој модел, како предната маска Black Panel, светлата Helix… сега го гледаме во сериските EQS и EQE. Потоа дојде CLA, којашто ја дизајнирав во Калифорнија, а по неа и CLA Shooting Break, којашто ја претставив лично во Женева 2019. Најнов е Concept Mercedes-Maybach EQS, концепт возило кое ќе го видиме на пазарот наредната година во Mercedes-варијанта со 7 седишта и во 2023 како Maybach-варијанта, што воедно ќе биде првиот ултра луксузен електричен автомобил во светот.

Тоа е делот од Вашата работа чијшто резултати можеме да ги видиме во секојдневието и во известувањата од големите салони на автомобили, и автомобилските ентузијасти честопати ги препознаваат дизајните што се потпишани од Славче Таневски. Сигурно постојат уште бројни проекти, концепти, студии.
Славче Таневски: Секако, секојдневно развиваме многу концепти кои за жал публиката не може да ги види и не заживуваат, не го гледаат светлото на денот од разни причини. Имам среќа да работам во една од водечките автомобилски компании во светот каде се работи со највисоки стандарди и се бара од дизајнерот output на највисоко ниво. Стандардите се многу високи, но и многу се експериментира, пробува, истражува.

Во јули одбележавте точно 10 години работа во дизајнерското одделение на Mercedes-Benz Cars. Како се менуваше автомобилскиот дизајн во периодот, дали 10 години се доволно долг период за да се зборува за нов дизајнерски правец на марка, што во поглед на дизајнот долго време се држеше строго до традиционалниот стил?
Славче Таневски: Секое време, општествен концепт си бара сопствен пристап. Во овие 10 години бев сведок на сукцесивно забрзување на развојниот процес, дигитализација, промена на погонска група, различен пристап кон клиентите. Доживеав експанзија на портфолиото на производи и повторно намалување на деривати, враќање кон некои есенцијални вредности на марката, но исто и учествував во стратегијата за јакнење на брендовите Benz, EQ, AMG, Maybach и G-Class како најнов посебен бренд. Видливо на возилата е промената на пропорциите, пократка хауба, подолго меѓуоскино растојание, напуштање на традиционалната маска кај некои модели итн… во секој случај, ова се интересни и динамични времиња со многу отворени можности.

Concept EQA кој беше претставен на IAA во Франкфурт 2017. Предводник на сите возила од нашиот електричен бренд EQ. Тоа што го ветивме на тој модел како предната маска black panel, светлата helix…сега ги гледаме во сериските EQS и EQE

Ерата на електромобилноста донесе промени и во дизајнот на автомобилите. Какви промени донесе електромобилноста во работата на еден автомобилски дизајнер од највисок ранг? Ве радува поголемата слобода и динамика во работата што се случува во новата ера?
Славче Таневски: Како што реков сé е забрзано, работиме со нови платформи кои го менуваат изгледот на возилата од корен и притоа треба на сé да му се даде нов идентитет што е препознатлив за брендот и тоа е голем предизвик. Колку е тоа успешно ќе покаже времето.

Повеќе е инспиративно кога дизајнирате автомобил што ќе носи брутален мотор V8 со 600, 700 или повеќе коњски сили, што брмчи гласно и мириса на бензин, или кога работите на автомобил со исти перформанси, но тој не брмчи, не мириса и не зрачи топлина по брза тура како термореактор?
Славче Таневски: Сеуште сум petrol head, преферирам V8 звук, но тоа не е пресудно при дизајнирањето. Најбитни се пропорциите и платформата што ќе ви ја понудат инженерите. Доколку возилото е широко и ниско, како на пример AMG GT, секако дека ми претставува најголемо задоволство да работам на таков возбудлив проект. Но, убавината на мојата работа е што можам да ги менувам световите во кои се наоѓам, дали е тоа мега-луксузен Maybach, авантуристичка G-класа или некој луд AMG концепт со мотор од формула 1, секој за себе е предизвик и добар тренинг за дизајнерот.

Кои се реакциите на медиумите и публиката на ИАА Мобилност, што можат директно во живо да го погледнат Concept Mercedes-Maybach EQS?
Славче Таневски: Имав можност да го претставам концептот во Минхен, бев секој ден за време на саемот на лице место и имав интервјуа и разговори со илјадници луѓе и можев од прва рака да ги видам реакциите. Сите беа позитивни, се работи за автомобил од соништата и сите го гледаа со восхит и одушевување. Сепак се работи за единствената ултра-луксузна марка на автомобили од Германија.

Како се постигнува автомобил од стотици илјади евра да изгледа како автомобил од стотици илјади евра, а во исто време неговиот изглед да сугерира на електричниот погон? Тоа веројатно не е само додавање хром.
Славче Таневски: Додавањето на хромирани елементи е passé. Тоа е традиционален луксуз. Модерниот луксуз како што ние го дефинираме е опулентност на површините, највисок квалитет во сите делови на автомобилот со децентни детали на втор поглед, со доминантна појава. На пример, предниот дел на автомобилот е како куршум, заоблен и затворен заради аеродинамика. Отвори за воздух ни се потребни само во долниот дел на браникот, така да маската е затворена во акрилен дел во кој се интегрирани сите сензори и радари.

Како изгледа иднината, какви ќе бидат автомобилите по 2030 година, дали на Вашата цртачка табла веќе се создаваат такви автомобили?
Славче Таневски: Сé уште е рано за точно да знаеме како ќе изгледа светот после 9 години. Секако дека имаме визии, но самиот развој е скратен, може побрзо да делуваме на сите нови правила и прописи наметнати од политиката, така тоа приспособување е краткорочно во овие времиња и никој не знае што точно ќе биде со генерацијата на возила после наредната (промената на генерации се случува на секои 5 до 7 години)

Со Вашето десетгодишно искуство во една од највлијателните автомобилски компании во светот и како жител на Германија, што и надвор од работното секојдневие ја следите електромобилноста, дали Македонија може и треба повеќе да се заложи за новата автомобилска ера да заживее во малку поубедлива форма, со сите придобивки што ги донесува истата?

Славче Таневски: Германија сé уште е далеку со потребната инфраструктура за непречено функционирање на дневна база на електричните возила. Секако е битно да се придвижиме кон зачувување на животната средина, квалитетот на воздухот, пред сé локално во големите градови како Скопје. Патем во новите EQS и EQE имаме посебен филтер за прочистување на воздухот во кабината, нешто есенцијално за загадени градови како Скопје. Но, мислам дека во Македонија има многу покрупни проблеми за решавање пред имплементирање на електромобилноста. Други побрутални загадувачи се причина за очајната состојба, зачинета со криминал и корупција, кои допринесуваат за рекордите во светски рамки што се однесува за квалитет на воздух, смртни случаи од рак, вируси итн.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img