Monday, October 25, 2021
HomeМакедонијаВербален судир меѓу Заев и Мицкоски околу тетовската трагедија и ковид-кризата

Вербален судир меѓу Заев и Мицкоски околу тетовската трагедија и ковид-кризата

Во вечерашниот ТВ-дуел на Канал 5, Заев и Мицкоски ги соочија аргументите и ставовите и за ковид-кризата и за тоа како земјава се справува со епидемијата
Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека прво ќе ги чека деталите од истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово во која изгореа 14 лица, па потоа ќе одлучи дали ќе ги прифати понудените оставки од министерот и заменик-министерот за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вели дека освен што е потребна моралната одговорност за трагедијата, треба да се понесе и политичка и кривична одговорност.

Во вечерашниот ТВ-дуел на Канал 5, Заев и Мицкоски ги соочија аргументите и ставовите и за ковид-кризата и за тоа како земјава се справува со епидемијата.

„Сакам да ги знам сите детали од истрагата, која потпомогната од експертите од Германија треба да ни ги предочи вистинските причини за трагедијата. Се работи за министер и заменик-министер во услови на ковид-19 кои одработија многу за справување со пандемијата“, рече Заев.

Мицкоски возврати дека за трагедијата во Тетово, освен морална, ќе мора да има и кривична и политичка одговорност.

„Ако некој во Владата и малку има грижа на совест, тогаш не само што нема да размислува, туку веднаш ќе ги прифати оставките и тоа е првата работа што треба да ја направи. Не е банална работа оставката, таму згаснаа 14 животи“, рече Мицкоски.

Заев вели дека модуларните болници спасиле стотици животи и дека тие се времени објекти и се исти како што се користат насекаде во светот.

„Модуларните болници се според стандардите на Светска банка за времени сместување кои во одреден период спасија стотици животи. Тие беа неопходни за соодветно болничко згрижување на граѓаните во услови какви што предизвика пандемијата“, рече Заев.

Мицкоски пак обвини дека Владата лошо се справува со пандемијата, а за тоа се повика и на високата смртност кај лицата кои заболуваат од ковид.

„Одамна се надмина италијанското сценарио. Сега сме до авганистанското сценарио и не само што треба да ги прифатите оставките на Филипче и неговиот заменик, туку да размислите и за ваша оставка“,рече Мицкоски.

Тој запраша дали модуларната болница имала одобрение за градба, дали е пуштена во употреба без соодветни документи, кој е проектант и како бил обезбеден приклучок за електрична енергија.

Заев побара да не се злоупотребува трагедијата за политичко профитерство и му посочи на Мицкоски дека не може да биде истражител и судија во исто време.

„Вие сте станале истражител, ги коментирате сите детали и од ракав ‘тропате’ работи кои се далеку од секоја можна вистина. Но, не е мое, ниту на нас политичарите да коментираме делови од истрагата. Помина времето кога бевте и извршители и судии и обвинители“, рече Заев.

- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img