Wednesday, October 20, 2021
HomeБалканОтстранети барикадите, полицијата се повлече од северно Косово: НАТО на граничните премини

Отстранети барикадите, полицијата се повлече од северно Косово: НАТО на граничните премини

Локалното население денеска ги отстрани барикадите од граничните премини Јариње и Брњак на северот на Косово, по што специјалните единици на косовската полиција се повлекоа нешто пред 16 часот, со што се почитува дел од договорот Белград-Приштина постигнат во Брисел пред неколку дена.

До блокадата на двата гранични премини дојде поради одлуката на косовските власти да воведат реципроцитет во користењето на регистарските таблички, по што српските таблички требаше да се заменат со пробни.

Војниците на мисијата на НАТО на Косово, членови на КФОР, ќе останат на граничните премини во следните две недели.

КФОР објави дека почнале со имплементација на договорот меѓу Косово и Србија, како и дека нивните членови претходните денови патролирале по главните сообраќајни патишта што водат кон Јариње и Брњак, кои беа блокирани.

„Во следните две недели КФОР ќе биде присутен во областа, во согласност со споменатиот договор и во согласност со својот мандат – кој произлегува од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година, со цел да се обезбеди безбедна и сигурна средина и слобода на движењето за сите заедници што живеат на Косово“, се вели во соопштението.

Градоначалникот на Лепосавиќ, Иван Тодиќ, претходно од преминот Јариње изјави дека е важно да се зачува мирот.

Преминот Јариње се наоѓа на територијата на општина Лепосавиќ, а Брњак на територијата на општина Зубин Поток.

Официјални лица од Српска листа, водечката партија на косовските Срби, поддржана од официјален Белград, исто така присуствуваа на отстранувањето на барикадите и припадниците на специјалните единици на косовската полиција.

Тие цело време беа на барикадите со локалното население, тврдејќи дека се собрале по сопствена иницијатива, иако неколку граѓани претходно изјавија за Радио Слободна Европа (РСЕ) дека на смена на граничните премини одат по наредба на локалните власти.

Српска листа е на чело на сите десет општини со српско мнозинство на Косово, ги има сите десет места во Собранието на Косово резервирани за српската заедница и учествува во работата на Владата на Косово.

Премиерката на Србија: Огромен дипломатски успех

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, рече дека со договорот за табличките со Приштина таа земја постигнала „огромен дипломатски успех“.

„Извојувавме добри работи. (…) Бевме во постојан контакт со сите меѓународни фактори. (…) Ги зачувавме мирот и безбедноста и каква-таква стабилност, која беше доведена до самиот раб со оваа последна акција на Приштина“, рече Брнабиќ по свеченоста по повод изградбата на објектите на уметничките факултети во Белград.

Како што изјави таа, добиени се три работи „подеднакво важни и за Приштина, иако тие во моментов тоа не го гледаат така“.

Што беше договорено во Брисел?

Повлекувањето на силите на специјалните единици на косовската полиција и отстранувањето на барикадите е дел од договорот меѓу Косово и Србија за деескалација на ситуацијата на северот, постигнат во Брисел на 30 септември.

Кога станува збор за самите регистарски таблички, постигнато е привремено решение, според кое државните симболи и на Косово и на Србија ќе бидат прелепувани со налепници.

Во меѓувреме, работна група, предводена од претставник на Европската Унија, ќе работи на наоѓање конечно решение околу регистарските таблички.

Оваа работна група ќе го одржи својот прв состанок на 21 октомври во Брисел и мора да најде конечно решение во рок од шест месеци.

Како настанаа тензиите меѓу Косово и Србија?

На 20 септември косовските Срби поставија барикади на патиштата што водат до премините Јариње и Брњак, така што премините можеа да се минуваат само пеш.

Ова беше нивната реакција на одлуката на косовската влада да воведе реципрочни мерки во врска со регистарските таблички на Србија, односно сите сопственици на автомобили со српски регистарски таблички мораа да земат пробни таблички.

Оваа мерка се совпадна со акцентот на валидноста на статусно неутралните таблички КС (Косово).

Исто така, косовските власти, кога беа воведени реципрочните мерки, објавија дека сите таблички издадени од српските власти за градовите на Косово ќе бидат одземени.

Овие таблички, претежно КМ (Косовска Митровица), се користат само на северот на Косово и тие за Косово се нелегални.

Според новиот договор од Брисел, државните симболи на табличките КМ исто така ќе бидат прелепувани со налепници.

Ова за РСЕ на 1 октомври го кажал шефот на косовскиот преговарачки тим за дијалог со Србија, Бесник Бисљими, истакнувајќи дека овие табели ќе важат само шест месеци, додека да се најде трајно решение.

Извор: МКД.мк
- Advertisment -spot_img

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img