Tuesday, November 30, 2021
HomeМакедонијаДимитриевски: Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш...

Димитриевски: Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено

Градоначалникот на Куманово вели дека очекува да се реализираат оставките и кадровските смени во СДСМ и порачува дека нема да дозволи да биде дел од нечии игри за собирање политички поени
Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено, реагира градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, откако синоќа таква најава стигна од генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

Согласно статутот, вели Димитриевски, тој сè уште е член и порачува дека со нетрпение ја очекува седницата на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ на која ќе се разговара за неговиот статус, но и за погубните политики на дел од раководството. Тој вели дека очекува и да се реализираат најавените оставки.

„На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно – клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес. Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека ’Зборот е збор‘“, вели Димитриевски во реакцијата на Фејсбук.

СДСМ ќе се обиде да го врати Максим Димитриевски во партијата, најави Николовски

Тој тврди и дека изминатиот период притисоците кон него и неговите поддржувачи биле огромни и доаѓале од луѓе кои се нарекуваат „негови сопартијци“.

„Нема простор за разговор ниту договор со такви коишто срушија сè, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи. Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за коишто добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела“, порачува Димитриевски.

На локалните избори минатиот месец, Максим Димитриевски победи во трката за градоначалник на Куманово и го доби вториот мандат. За разлика од првиот кога беше кандидат на СДСМ, на овие избори Димитриевски се кандидираше како независен и имаше своја советничка листа. Тој беше исклучен од партијата по објавата дека ќе поднесе кандидатура како независен кандидат.

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img