Wednesday, December 1, 2021
HomeМакедонијаKонгрес за стабилизација на лидерството на Мицкоски

Kонгрес за стабилизација на лидерството на Мицкоски

Ако претходните локални избори го пензионираа Груевски, овие го зацврстија Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ.

Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ ја завршија постапката за избор на над 500 делегати, кои на редовниот партиски Конгрес во декември треба да (ре)изберат партиски лидер со нов четиригодишен мандат, велат за Фокус од опозициската партија.

Како што посочуваат од таму, избраните делегати на редовниот изборен Конгрес следниот месец треба да изберат нов партиски лидер и нов состав на Централниот комитет, па во следната фаза треба да се екипира Извршниот комитет, да се избере генерален секретар, потпретседатели итн.

Според партиски извори, се очекува на овој Конгрес Христијан Мицкоски да добие убедлива поддршка, после победата на изминативе локални избори, кога ВМРО-ДПМНЕ под негово водство освои градоначалници и мнозинство во советите во најголем дел од општините со мнозинско македонско население.

За потсетување, Мицкоски беше избран за партиски лидер на валандовскиот Конгрес, одржан по повлекувањето на Никола Груевски после катастрофалниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017 година, во ситуација кога во партијата имаше голем отпор кон начинот на кој се одвива процесот на внатрешни промени и реформи.

 

Во тој период, самиот избор на Мицкоски во Валандово беше проследен со делумен бојкот од страна на дел од потписниците на иницијативата, со која впрочем се бараше одложување на Конгресот, со цел, како што наведоа, да се даде шанса за „демократска и транспарентна постапка за избор на нов претседател на партијата“, а дотогаш партијата да ја води колективно претседателство.

Меѓу потпишаните на иницијативата беа видни партиски членови и функционери, меѓу кои најекспонирани беа Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Трајко Велјановски, кои го бојкотираа изборот на Мицкоски. Но, тие во меѓувреме ги затоплија односите со новото партиско ракодовдство, а некои од нив, како Милошоски, влегоа во партиските органи и добија функција.

Дел од потписниците на оваа иницијатива, пак, останаа надвор од партиските органи и продолжија да го критикуваат Мицкоски за поразите на претседателските и парламентарните избори. Најголем број од нив се придружија на иницијативата за внатрепартиски промени после ланските парламентарни избори, со цел промена на партиското раководство.

Зад оваа иницијатива, чии фронтмени во јавноста беа Ивица Коневски, Борче Стамов, Филип Петровски, всушност стоеше поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој претходно беше исклучен од партијата. Како што е познато, тој беше обвинет дека одработил за уставните промени според Преспанскиот договор, кои ги поддржаа 8 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, иницијаторите за промени никогаш не успеаја да го одржат долгонајавуваниот вонреден Конгрес за смена на Мицкоски, бидејќи иницијативата пропадна речиси истовремено кога Мијалков беше осуден на затворска казна во рамки на предметот за масовно прислушување „Таргет-Тврдина“, по што заврши зад решетки.

Инаку, по обелоденувањето на оваа иницијатива, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев најави дека ќе поднесе кандидатура за партиски лидер ако Мицкоски биде разрешен. Во тој период, неговиот пријател, поранешниот министер Никола Тодоров, пак, замина на средба со Груевски во Будимпешта.

Сепак, Јанчев никогаш не влезе во трка за партиски лидер, а на изминативе локални избори во Кавадарци му ја донесе најубедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно со Мицкоски постигнаа договор за соработка, и покрај различните ставови во минатото, кои Јанчев го чинеа разрешување од потпретседателската функција во партијата.

Ако на претходниот Конгрес Мицкоски беше поставен за наследник на Груевски во време на голема внатрепартиска криза и поделеност, претстојниот партиски Конгрес, после првата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ под негово водство, треба да претставува стабилизирање на неговото лидерство во партијата.

Извор: Фокус

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img