Овие премини се редовен извор на тензии меѓу Париз и Лондон бидејќи британските власти сметаат дека француската страна прави недоволни напори да го спречи налетот на мигранти и покрај исплатата на финансиската помош.

„Оваа катастрофа нагласува колку е опасно да се премине Ла Манш на овој начин. Исто така, покажува колку е важно да ги засилиме нашите напори да го разбиеме моделот со кој гангстерите испраќаат луѓе на море“, рече Борис Џонсон.

„Им кажувам на нашите партнери преку каналот дека е време да се мобилизираме и да работиме заедно за да направиме се` што е во наша моќ и да ги разбиеме овие банди“, додаде тој.

Како дел од заострувањето на имиграциските мерки ветени со Брегзит, британската влада почнала да го спроведува контроверзниот законски план со кој се реформира системот за азил и се предвидуваат построги казни, а со сегашните 14 години затвор за шверцерите, се предвидува и доживотен затвор.

Министерката за внатрешни работи Прити Пател рече дека законот е „праведен, но строг“, додека е осуден од групите за човекови права. Законот треба да ја обесхрабри илегалната имиграција и да обезбеди различен третман на барателите на азил, во зависност од тоа дали тие пристигнале во земјата легално или не.

Според податоците на британските медиуми, повеќе од 25.700 луѓе пристигнале во Велика Британија со мали чамци од почетокот на годината или три пати повеќе отколку во цела 2020 година.