Tuesday, November 30, 2021
HomeМакедонијаБугарија нема да го тргне ветото во декември

Бугарија нема да го тргне ветото во декември

Бугарија во декември нема да ја отстрани блокадата на преговарачката рамка за членството на Македонија во ЕУ. Постојаниот претставник на Бугарија во Унијата, Румен Александров, завчера, на состанокот Советот за општи работи (ГАК) во Брисел, соопштил дека Македонија уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција.

Според дипломатски извори на МИА од Софија, пред состанокот на ГАК, бугарскиот претставник планирал да искаже остар став на Бугарија кон РС Македонија, но тоа не се случило поради трагедијата на автопатот Струма. Александров најпрвин изразил длабоко сочувство за инцидентот во кој загинаа 45 македонски граѓани и истакнал дека РС Македонија уште не ги исполнува критериумите за да ги почне преговорите за членство.

Пробив не се очекува ниту во првата половина на 2022 година
Тој додал дека Бугарија во последните месеци предложила голем број опции за надминување на отворените прашања како гаранции за правата на луѓето со бугарска самосвест, како и дека Македонија треба да преземе конкретни обврски, од кои некои треба да бидат исполнети на краток рок, а другите да бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Александров рекол дека пред тоа да се случи, не може да се очекува напредок.

Со ова, како и со соопштението на бугарското МНР од минатата недела, извесно е дека на состанокот на 14 декември нема да се одблокира процесот, а пробив во проширувањето не се очекува ниту во првата половина од следната година, за време на француското претседателство. Засега е неизвесно и дали воопшто ќе се одржи планираната средба на работните групи на македонското и бугарското МНР на која требаше да се разговара за Патоказот пет плус еден.

По Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо, Словенија, бугарскиот претседател Румен Радев најави дека средбата ќе се случи до крајот на октомври, па дури се зборуваше и за можност двајцата министри за надворешни работи да потпишат документ со кој ќе се одблокира процесот. Премиерот Зоран Заев најавуваше дека петте барања на Софија се прифатливи и е можно да се дојде до решение. Од македонска страна, услов е ветото да биде тргнато, па потоа договореното да се спроведе. Но најавената средба беше одложена за втората половина на ноември, прво поради локалните избори во Македонија, а потоа и поради парламентарните и претседателските во Бугарија. Од македонското МНР нема најави дали воопшто ќе се одржи оваа средба, со оглед на најавеното вето од Софија или ќе се чека да се конституира идната бугарска влада.

Медијапул: Скопје да престане да се надева само на притисокот од САД и од ЕУ
Бугарскиот медиум „Медијапул.бг“ пишува дека Бугарија нема да го тргне ветото, и покрај притисокот од САД и од ЕУ, сѐ додека Скопје не покаже подготвеност да ги прифати бугарските барања.

„Ако Скопје добие перспектива за придвижување кон ЕУ, тоа ќе им помогне на проевропските кругови за преземање антипопулистички решенија. Но доколку нема позитивни сигнали од бугарска страна, веројатно ќе продолжи засилувањето на антибугарската реторика во Македонија. Затоа одговорноста на Бугарија е огромна – и за власта и за опозицијата. Ако постои некое прашање за кое мора да се направат напори за изнаоѓање рационално решение, ориентирано кон долгорочна перспектива, тоа е расплетувањето на јазолот со Македонија“, анализира медиумот.

Во текстот се наведува дека Скопје има големи надежи во новата бугарска влада за придвижување на земјата по европскиот пат, но ќе мора да сфати дека не ќе може „да ја промени позицијата на Бугарија без да го промени своето однесување“. Според анализата, „македонското прашање“ ќе биде меѓу централните теми во преговорите за формирање на новата коалициска влада во Бугарија, зашто најмалку две партии од потенцијалната коалиција, Бугарската социјалистичка партија и Има таков народ (ИТН) се цврсто против каков било компромис, а победниците Промената продолжува и Демократска Бугарија повикуваат на нов пристап.

„Од коментарите на Промената продолжува може да се процени дека формацијата ќе се обиде да го ‘облече’ македонското прашање во неговите економски димензии, префрлајќи го фокусот од болната тема за историјата. Малку е веројатно дека ова ќе помине кај БСП и ИТН, кои тешко би се помириле со компромиси кои, дури и да се незначителни, би ги поттикнале гласачите на овие две партии, како и на поранешната владејачка ГЕРБ и на националистите да ги обвинат новите власти за ‘предавство’“, наведува „Медијапул“.

Во текстот се потсетува едно од главните барања на Бугарија е Македонија да ги вклучи Бугарите во својот Устав рамноправно со другите народи, нешто што македонските власти велат дека се подготвени да го сторат, но само непосредно пред или по влезот на земјата во ЕУ. Бугарската страна се држи и до „црвените линии“ во Декларацијата на бугарското Собрание, за чии промени ќе биде потребна нова расправа во Собранието, што секако ќе го разгори популистичкиот бран, односно „која и да било одлука што ќе биде во корист на РС Македонија, независно како ќе биде спакувана, ќе има висока политичка цена ако не биде придружена со јасна акција од страна на Скопје“.

Од друга страна, заклучува „Медијапул“, Скопје ќе мора да сфати дека ќе треба да преземе сериозни чекори во врска со бугарските барања и „да престане да се надева само на притисокот од САД и од Европската комисија кон Софија“.

Заев – Донфрид: Почеток на преговорите е геостратешки интерес на САД
Помошник државниот секретар на САД Карен Донфрид телефонски му изразил сочувство на премиерот Зоран Заев за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија. Според владината прес-служба, Заев и Донфрид разговарале за евроинтегративниот процес на Македонија, при што е изразена целосна поддршка од САД за отворање на преговорите со ЕУ во декември годинава.

Соговорниците се согласиле дека отворањето на преговорите со Македонија и Албанија е надворешнополитички и геостратешки интерес на САД. Во телефонскиот разговор е потврдено стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД кои сега се и партнери во НАТО, соопшти владината прес-служба.

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img