Tuesday, January 25, 2022
HomeМакедонијаСофија спрема трета блокада, Скопје бара чаре во „пет до 12“

Софија спрема трета блокада, Скопје бара чаре во „пет до 12“

Идната бугарска влада најави дека во односите со Македонија ќе ја почитува Декларацијата од 2019 година од бугарското Собрание, сѐ додека е таа на сила, како и Рамковната објаснувачка позиција испратена лани во ЕУ, по која во декември следуваше првото бугарско вето. Во дебатата за идната влада на Бугарија идните коалициски партнери се согласиле дека Бугарија ќе ја задржи својата единствена позиција кон РС Македонија, но најавија и „чекори за ревизија на Рамковната позиција“. На состанокот на Советот на ЕУ на 14 декември е последната можност под словенечкото претседателство да биде усвоена преговарачката рамка за Македонија, а сигналите од Софија се дека тоа нема да се случи, односно претседателот Румен Радев ќе испорача уште едно вето за усвојувањето на рамката.

Од друга страна, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи оптимистички смета дека 14 дена се доволен период за да се постигне договор и најави дека деновиве ќе се сретнат работните групи „кои ќе разменат предлози“. И премиерот Зоран Заев држи извесен неодреден оптимизам и својата најавена оставка од премиерската позиција ја врзува со „исходот од преговорите со Бугарија“. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, вели дека „евентуалниот нов договор ќе биде ништовен“.

Бугарија ги сака своите барања во Преговарачката рамка
Кристијан Вигенин од Бугарската социјалистичка партија на дебатата за идната владина коалиција повика експлицитно да се нагласи дека „Бугарија ја задржува досегашната политика и се придржува до декларацијата усвоена од бугарскиот парламент“. Тој вели дека може да се разгледа доследноста на документот, но во овој момент немаат друг став од оној што беше одобрен.

– Правиме чекор со кој се ревидира оваа позиција. Ова, доколку се случи воопшто, владата може да го направи кога ќе го формира следното Народно собрание – нагласи Вигенин.

Тој ја истакна важноста од постоењето т.н. Патна карта, во која јасно ќе бидат наведени обврските на Македонија кон Бугарија.

– Во таа Патна карта треба да се вклучат чувствителните прашања за Бугарија и соодветно тие чувствителни прашања треба да бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија. Бидејќи, без тоа да биде дел од преговарачката рамка, ние немаме никаков реален институционален механизам кој ќе гарантира дека РС Македонија, независно од смената на Владата таму, ќе ги исполнува обврските – вели Вигенин.

Министерот Османи потсети дека сите земји на ЕУ донесоа одлука за почетокот на преговорите, а сега Советот на ЕУ ја чека одлуката на Бугарија за преговарачката рамка.

– Сите чекаме дали Бугарија ќе го крене ветото и за тоа продолжува нашата комуникација. Очекуваме наредните денови да има одредени чекори во смисла на размена на предлози, чекаме експертите од двете министерства за надворешни работи да се состанат и тие ставови да ги зближат уште повеќе со можности да се најдат решенија, а потоа влегува ЕУ со предлозите на претседателството и со тоа да се комплетира целиот пакет – вели Османи.

Тој додава дека, ако се сфати тежината на моментот, 14 дена се сосема доволни за договор врз основа на досега сработеното.

Тој информираше дека овие денови интензивно се дефинира нашиот одговор на петте точки плус една што ќе биде основа за следната рунда разговори меѓу експертите од двете МНР.

– Уште работиме со надеж за декември, да се фати тој рок, иако и по 14-ти словенечкото претседателство има право да свика вонреден состанок на министрите за Европа и да ја донесе одлуката во кој било ден до 31 декември или, пак, во првите недели во јануари француското претседателство, исто така, не е врзано со конкретен формален состанок на министри за надворешни работи на ЕУ. Работиме како да секој ден ни е опција. Ако се интензивира комуникацијата, прво на ниво на експерти преку размена на ставови, па преку двете МНР и на сето тоа се надоврзе политичката комуникација помеѓу две политички влади или претседателот на државата кој сега веќе е избран во Бугарија, може да се најде решение. Според темите што ги разговараме, според предлозите што се разменуваат, мислам дека навистина има простор за изнаоѓање решение. Едноставно не сме толку далеку за да не можеме сега да ја интензивираме таа комуникација и да го искористиме моментот – вели Османи.

Заев чека, Мицкоски предупредува
Премиерот Заев планира да остане премиер додека не ги заврши преговорите со Алтернатива и не го види исходот со Бугарија.

– Прво треба да се завршат преговорите за парламентарното мнозинство со Алтернатива. Ако се заврши и јавно објави, ќе се направи процена со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство да се влезе во Собранието со постапка за избор на влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија. Една од најзначајните причини поради која Алтернатива би влегла во Владата е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговорите со ЕУ – рече Заев.

Мицкоски, пак, смета дека со Софија ќе биде постигнато решение на штета на македонските интереси.

– Бидејќи не знаат како сето тоа да го решат, единствен начин им е, дајте ни хартија да потпишеме некаков си договор, а тој договор, повторно слушнавме од страна на новото парламентарно мнозинство, практично мора да содржи цели глави или делови од декларацијата на бугарскиот парламент со која се негира македонскиот идентитет. Ако мисли оваа некредибилна влада дека ова ќе биде нивниот капитал за да се задржат таму каде што се, се лажат. Евентуален таков договор ќе биде ништовен, бидејќи мнозинството од македонскиот народ таквото нешто нема да го прифати – рече Мицкоски.

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img