Бугарскиот јавен радиодифузен сервис објави снимка од вчерашниот инцидент во источна Србија, во кој биле нападнати членови на истражувачки новинарски тим на Бугарската национална телевизија, како и еколошки активисти кои биле со нив. Нападот се случил вчера попладне на пат пред рудникот „Подвирови“ во селото Караманица во општината Босилеград, соопшти организацијата „Safe journalists“. Кога новинарите и активистите се приближиле до рудникот, минибус им го блокирал патот на околу 50 метри од влезот, па тие морале да продолжат пеш. Во тој момент, неколку луѓе, меѓу кои и директорот на рудникот, Миодраг Вукајловиќ, ја нападнале екипата, прво со камења, а потоа и со тупаници. Новинарскиот тим дошол во Србија за да сними сторија за загадувањето на животната средина во пограничната област во општина Босилеград, а новинарите ги имале сите потребни дозволи за снимање. Во телевизиската екипа биле новинарката Богдана Лазарова, снимателите Димитар Славов и Николај Андрејев и техничарот Роберт Вецов. Заедно со нив, нападнати биле и екоактивистите од Софија Димитар Куманов од Риболовниот клуб „Балканка“ и Валентин Јанев, Бранко Митов и Димитар Димитров од Босилеград. Според БНТ, генералниот конзул на Бугарија во Ниш, Димитар Цанев, дошол во Босилеград и со негова помош била поднесена пријава во полицијата.
„Подвирови“ е рудник за олово, цинк и бакар, а е во сопственост на фирмата „Босил метал“.