Во обраќањето на протестот, Мицкоски рече дека го отфрла францускиот предлог за кревање на бугарското вето. Во тој дел од својот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече:
„Главното ветување на СДСМ беше датум за преговори со ЕУ. Нѐ понижија и предадоа. Но 22 години сме во чекалницата на ЕУ. Овој народ и Македонија дадоа многу, а за возврат не добија ништо. Поради лошата политичка стратегија на власта на младите луѓе им се одзема иднината.
А сега, пристигна последниот предлог од ЕУ за кој власта се прави дека не го видела, ама го преговарала. Тој предлог е капитулација без одлагање, дипломатски нокаут и бугаризација на рати.
Во предлогот нема датум за почеток на преговори, туку услов да се отвори Уставот и да се реализираат барањата на Софија. Лажеа дека не преговараат за јазикот и идентитетот. А владините пера пишуваат дека е заштитен идентитетот. Срамота! Предлогот е асимилација, бугаризација, па потоа европеизација, или ние никогаш нема да бидеме дел од Европа.
Му порачувам на Димитар Ковачевски. Знам дека си меѓу наковалната и чеканот. Твојот коалициски партнер ти вели да не го отфрлиш предлогот зашто ќе те напушти. Но ние и овој народ ти велиме: Одбиј го предлогот, стоиме зад тебе. Охрабри се и биди со народот. Народот ќе те оправда ако го одбиеш предлогот.
На Бугарија ѝ порачувам дека нема да прифатиме понижувачки договор на штета на националните интереси. А ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или насила да го прифати, ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да го прифати и спроведува.
И уште една порака до Софија. Наместо овде во Скопје да клекнете на колена и да се извините за злоделата за време на фашистичката окупација во Втората светска војна, сакате да ни ја ретушира историјата. Тоа не се европски вредности.
Додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Уставот по барање на Бугарија нема да се смени, нема да има двотретинско мнозинство во Собранието, зашто таквото мнозинство зависи од ВМРО-ДПМНЕ“.