Tuesday, July 5, 2022
HomeАвстралијаМАКЕДОНСКИ ПИПЕРКИ ВИРЕАТ НА АВСТРАЛИСКО ТЛО

МАКЕДОНСКИ ПИПЕРКИ ВИРЕАТ НА АВСТРАЛИСКО ТЛО

Јордан Паскоски (80) од Обршани, одгледува пиперки во Волонгонг

Веќе 54 години е во Австралија, во Волонгонг. Јордан Паскоски (80) од Обршани, имал зет за внука од брат во Австралија, кој сакал да ја земи жената, но не ја пуштале со авион, туку со брод. Стравувале дека на бродот  има многу народ, вагабонти. Јордан, кој бил шофер, размислувал да оди како придружба и да остане во Австралија. Кандисал и почнал да вади документи. Ама, внуката извадила авионски билет и заминала. Таа го барала и Јордан да си прави со некој наш муабет. Но, само женет можел да замине. Се оженил 1964 г. и со жената и три месечниот син Љупчо заминале, каде се и до ден денес. Пред две години му починала домаќинката. Сега е вдовец. Живее сам во куќата блиску до синот со семејството. Има и ќерка со две чупиња. Одгледува пиперки од обршанско семе.

-Бидејќи сум од Обршани, не ми поминува меракот за пиперките. Браќата се расправаат со пипер цел живот. Гледав и учев. Сега негувам 45 корени во леа за нас. Не се за продавање, туку само малку за пријателите. Порано имав 15 леи. Одгледувањето го чинам, оти не можам да се одделам од вкусот и мирисот на пиперот. И ден денес ги сакам пиперките, со масло со киселина, ајвари правам, пиперки на сите начини. Вкусни се –  кажува стариот Паскоски.

Бил трипати во Обршани и оттаму земал семе.

-”Капијата” не успева. Останува мала. Можно е да е до ѓубрето. “Бананата” нема сласт, можеби оти се поинакви земјата и водата. Не виреат. Без вкус се. Другите сите растат до кило на стебло до два ипол метри. Кога ќе каснам тие кои сам сум ги произвел, небаре на нивата сум в село. Пиперките со лук ги сакаат сите, цели пржени, во тепсија, со 2-3 главици лук, со врела вода попарени, не знаеш колку ги сакаат. Сите ги јадат. Манџи им правам – кажува Паскоски, Сопругата му била од селото Српци со школа за готвење. И тој научил да прави манџи во војската. Бил шофер за кујната. Со гледање го совладал “занаетот”, како се прават запршки… Го влечело готвењето, ама не можел да се мери со сопругата, оти била мајстор за зелници, погачи, мазници, бурек…

Иако сега е зима во Австралија со 9 степени, пиперките уште имаат род.

– Растат, оти се покриени со плексиглас. Не е ладно и немаат “гајле”. Тро-по-тро ги корнам да го скопам местото за в година – објаснува Паскоски.

Не се фали, ниту се плачи. Трипати бил во Македонија. Сака шетање. Ама не му се прави ќефот за враќање, оти овде била голема сиромаштија. Народот се плачи, бил за грев. И таму литар нафта е 2 долари, 2 литри масло е 3,5 долари, ама работниците земаат просек по 30 долари од саат.

Според него, сите политичари се арамии. Бил симпатизер на ВМРО, ама се разочарал, иако се сликал со Груевски во Скопје во 2015 година. И новиот лидер не му изгледа арен. Му личи како да е лаж. Ја кажува сопствената филозифија, алудирајќи на политичарите во Македонија.

-Ако ќесето е празно, колку може да им се помогне на децата. Кој ќе í помогне на Македонија. Тешко се оправа сиромав човек. Треба да дојди некој како Тито да ја спастри државата. Сé да е државно, социјализам, а не приватизација, арамилак. Законот да биде ист за сите, ако не на Голи Оток. Вака, кој и да дојде, од бетар, дамбетар. Само лаги – вели стариот Паскоски.

Тринаесет години секое сабајле прави вежби, фискултура и се чувствува многу здрав за годините. Сино Љупчо вели дека ако има месо и пиперки, ги одбира пиперките. Нема време да одгледува пиперки. Нема да ја продолжи традицијата. Свири на синтисајзер сам на свадби и веселби, а има и фирма за реновирање на стари куќи од А до Ш. Тој жали што стандардот во Македонија е низок. Луѓето не живеат нормално како во Австралија. Се краде. Има менталитет само да се пика в џеб.

-Ако нема корупција, државата ќе напредува. Таму секоја, гледа за својот џеб. И како да се вратам, иако ја сакам Македонија? Никогаш нема да се вратам да живеам, оти има учени кои живеат сиромашно. Имам братучеди, 70 години, цел живот прават куќа. Корупцијата е рак-рана. Како, дома, ако домашните крадат од таткото, семејството оди надолу, нема прогрес. Митото, рушветот и арамилаците да се исчистат, народот нема да страда. Ќе живее нормално и нема да бега надвор. Поинаку нема напредок, ниту со чистотата по улиците каде се фрла ѓубре кому како ќе му текни – вели младиот Паскоски, кој знае да пишува и да чита кирилица, додека многумина не го знаат ниту јазикот, македонски.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img