Едно од најактивните роднокрајни друштва во Мелбурн, во државата Викторија, Австралија, Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски Чудотворец“, свечено, масовно и достоинствено го одбележа денот на својот патрон, и познатиот духовен македонски празник.
На традиционалната манифестација што се одржа во раскошниот Емералд Ресепшн во Томастаун, присуствуваа околу 400 гости.
Собирот го отвори секретарот Дончо Каневче, а пригодно обраќање имаше претседателот на Охридското друштво Васко Ангеловски, еден од најзаслужните, заедно со своите колеги, за одржувањето на традицијата и активностите кои ги иницира и реализира друштвото високо позиционирајќи се на мултикултурната мапа на Австралија.