Проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и неговите пријатели продолжува да ја прославува македонската култура и традиција на нови меридијани. Нашите уметници синоќа имаа одличен прием кај корејската музика на еден од најважните музички фестивали во Јужна Кореја, што се одржува во Пјонгчанг и Чунчеон.
Добивме ентузијастичка реакција за срдечната, трогателна и емотивна музика од длабоките корени на безвременска Македонија – велат од тимот на Трпчески.
– Јас никого не треба да го прашувам за тоа кој сум, што сум и од каде сум! Јас тоа го знам и не се плашам да го кажам преку длабоките чувства на музиката која нашите предци ни ја оставиле! Уметниците вака покажуваат како се сака и слави вековна Македонија! Нека „Македонисимо“ биде пример и инспирација на моите сонародници за поголемо освестување во летните жештини и разум во самопочитта и својата гордост за она што се! Нешто сосема природно! Јужна Кореја вака ја слави Македонија! – напиша Трпчески на својата фејсбук-страница. Проектот го продолжува својот пат. Наредната недела, на 22 и 23 јули следуваат гостувања во Чикаго, САД, а на 27 јули – две изведби во Отава, Канада.