Тимоти Џуд Смит, попознат по неговото уметничко име Тими Трампет, е австралиски музичар, диџеј, текстописец и продуцент. За многу кратко време стана меѓународно познат по свирењето на труба во живо и користењето на џез елементи во денс музиката. Публиката посебно ужива во неговите енергични настапи, а својата балканска премиера музичарот ја имаше на фестивалот „Ohrid Calling“ во пресрет на големиот македонски празник Илинден. За време на неговиот настап австралискиот музичар го развеа македонското знаме додека во позадина се слушаа препознатливите македонски песни: „Слушам кај шумат шумите“ и „Јовано Јованке“. Со многу емоции во еден глас македонската публика ги пееше песните додека македонското знаме се вееше во рацете на Тими.