Се претвори ли оптимизмот на владата во исчекување, за деблокада на македонскиот пат кон ЕУ ? Премиерот Мицкоски не знае дали ќе има исчекор во македонските евроинтеграции до крајот на годината, но знае дека нема да отстапи од сегашната позиција.
Уверува дека тој и владата се подготвени за суштински разговори, но дека за тоа треба да има подготвеност и од другата страна. Порача – за танц се потребни двајца, а некогаш и повеќе.
– Дали ќе има некаков напред – не знам. Дали ќе има промена на нашата позиција ? Нема да има. Затоа што , нашата позиција се темели на принципи и аргументи. И тоа сме го кажале – да не се повторуваме, барем стотина пати. Доколку има волја има и начин. Тоа не зависи само од нас. За танцување треба двајца, а некогаш, може и повеќе. Но во случајот, треба да имаме некој соговорник, кој што ќе сака да разговара. Ние сме подготвени, секаде ја претставуваме нашата позиција и ќе продолжиме да ја претставуваме. – рече Мицкоски.
Мицкоски тврди дека секаде каде што е претставена македонската позиција не слушнале аргументи кои биле спротивни на нивните. Најави дека во текот на декември два пати ќе го посети Брисел, со надеж за пробив во евроинтеграциите, а тет а тет средба ќе има и со Антонио Кошта, наследникот на Шарл Мишел во Европскиот Совет.
И додека Скопје чека, во Софија статус кво – вчера имаше трет неуспешен обид за избор на прв човек на собранието, а пратениците ќе ја повторат постапката во среда, за Радев, да може да свика консултации за формирање влада.
Румен Радев, пак, пред 3 дена, ги повтори истите ставови на Бугарија, откако имаше едночасовен разговор со Сиљановска Давкова, на маргините на Конференцијата за климатски промени во Баку, Азербејџан.
– Очекуваме владата и парламентот, да спроведат, се што е вклучено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, за Северна Македонија да не губи историско време за своето членство. – рече Радев.
На Радев, тогаш, му се допадна разговорот со Сиљановска Давкова и порача дека тој тон треба да го употребува и македонската влада. Од кабинетот на шефицата на државата, по состанокот, порачаа дека дијалогот треба да продолжи, а решавањето на билатералните спорови да биде во рамките на основните вредности и принципи на ЕУ.
По средбата Радев – Сиљановска и премиерот Мицкоски изјави дека очекува до крајот на годината да се продолжи со евроинтегративниот процес на достоинствен начин.