Според него, бараните уставни измени се само врвот на ледениот брег и тоа е она што може да се види.

„Бараат уставни измени на почеток на преговорите за членство во ЕУ за да можат потоа да ги применат другите уцени. Бугарија сака да го стави ова како приказна која никогаш не завршува  и на секои три до шест месеци да излегува со нови барања. Никој не гарантира дека по шест месеци неа да има ново барање. А, тоа што не се гледа, а потенцијално би се гледало, е тоа е дека сметаат дека нивната западна граница е поназапад и мислат дека треба да граничат со Албанија. Мислат дека тука живее население кое има бугарски корени, кое зборува дијалект на бугарскиот јазик и таа политика не е сменета затоа стартуваат со уставни измени, па потоа да продолжат со други барања и тоа да нема крај“, рече Николоски во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21.

Тој оцени дека тоа што го бара Бугарија нема врска со критериумите за ЕУ.

„Прашањето е дали разговараме за критериумите за ЕУ, кои јас инсистирам дека мора да ги спроведеме, зошто целата е ефикасен правен систем и економска благосостојба и до тука јас сум прв кој бара целосно да се спроведе се. Проблемот со Бугарија е што немаат забелешки во овој дел, туку во делот на македонската самобитност, тоа никој го немал како услов“, посочи Николоски.

Прашан дали меѓународната заедница врши притисок врз партијата да ги прифати уставните измени веднаш, Николоски рече дека има разговори на таа тема.

„Не можам да кажам дека има притисок, туку дека разговараме. Ние ги кажуваме нашите аргументи, а тие нивните. Ова раководство нема црни точки и затоа нема притисок. Изгубивме една година на тоа. Треба да направат притисок врз Бугарија, бидејќи таа е најслаба во Унијата и нејзе многу повеќе и треба ЕУ, отколку што и треба Бугарија на Унијата“, посочи Николоски.

Тој оцени дека пристапот на ДУИ и на СДСМ во овој момент е „очајно барање за ден повеќе власт затоа што се свесни што ќе им се случи на следни избори“ и посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е многу јасен – дека би поддржале укинување на Пржинска или техничка Влада само доколку на истата седница се изгласаат и предвремените парламентарни избори.

„Доколку услов на власта на СДСМ и ДУИ е да нема техничка т.н Пржинска Влада тогаш ние се сложуваме под услов на иста собраниска седница во Собранието да се изгласа и укинување на Пржинска, односно техничка Влада и предвремени парламентарни избори. Ние сме убедени во нашата поддршка и колку и да прават местенки, злоупотреби толку е голема народната волја што ништо нема да ги спаси“, истакна Николоски.

Тој е потенцираше дека затоа ВМРО-ДПМНЕ се залага за избори час поскоро.

„Нека излезат од Државната изборна комисија, нека кажат кој е најбрз рок во кој тие можат технички да ги организираат изборите, на иста седница да ја укинеме Пржинската Влада и да закажеме предвремени парламентарни избори“, рече Николоски.

За ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД, Николоски рече дека „покажува колку системот е во распад“.

„Ова покажува дека САД имаат повеќе влијание и предизвикуваат поголема реакција кај јавноста од која било организација или судските институции. Во Македонија никој за ништо не одговара и затоа ова е голема вест. Но, корупцијата ниту почнува ниту завршува со Мерко, туку е на повисоко ниво, кај првенците на власта и на ДУИ“, истакна Николоски.