17.8 C
Skopje
13.6 C
Melbourne
Tuesday, 30 April, 2024
0
Дома Популарно ЕУ ќе ги прошири санкциите против Иран

ЕУ ќе ги прошири санкциите против Иран

„Министрите ги повикуваат сите актери во регионот да се повлечат од работ на бездната!“ Со овие драматични зборови високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, апелираше до Иран и до Израел по специјалниот состанок на министрите за надворешни работи на Унијата одржан преку видео врска.

Борел рече дека директниот напад без преседан на Иран врз Израел претставува одлучувачка ескалација. Целта сега е да се избегне понатамошна ескалација, вели тој, додавајќи дека политичката шаховска партија удари и контра удари мора да заврши, инаку Блискиот Исток ќе западне во војна од целосни размери: тоа никој не го сака. Министрите за надворешни работи на ЕУ во целост се согласни, рече првиот човек на ЕУ, сугерирајќи дека се очекува воздржаност од Израел и од Иран.

Проширување на санкциите за Иран

Некои министри, вклучително и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, повикаа на построги санкции против теократскиот режим во Иран.

Жозеп Борел рече дека сега се размислува за проширување на веќе воведените опсежни санкции. Така, санкциите против иранското производство на беспилотни летала, кои претходно беа наменети за испорака во Русија, треба да се прошират на целиот регион на Блискиот Исток. Одлуките за ова треба да се донесат наредната недела.

Други министри предложија воведување санкции за Револуционерната гарда, елитната иранска воена единица. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика истакна дека овие санкции се на сила од минатата година. Класификацијата на Револуционерната гарда како терористичка група, слична на Хамас, досега пропадна поради правни пречки. За формално вклучување во списокот, мора да има конкретен чин на Револуционерната гарда во земја членка на ЕУ. Досега не е пријавен таков случај, рече Борел. Тоа повторно ќе го проверат правниците од Европската Комисија.

Борел: Не смееме да ја заборавиме Газа

Жозеп Борел претходно го пофали патувањето на Аналена Бербок во Израел. Според него, таа таму би можела да влијае на нешто, бидејќи Германија има силна врска со Израел.

Борел, кој во Израел се смета за премногу близок со Палестинците, во Брисел истакна дека ЕУ цврсто стои на страната на Израел да се одбрани од нападите на Иран.

„Но, не смееме да ја заборавиме хуманитарната катастрофа во Појасот Газа“, рече високиот претставник на ЕУ. Тој го повтори заедничкиот повик на министрите од Унијата за итен и траен прекин на огнот во војната во Појасот Газа за да се ослободат израелските заложници од рацете на терористите на Хамас и да се овозможи снабдување за цивилното население.

Г7 продолжува да разговара за кризата на Блискиот Исток

Денеска (17.04) дипломатскиот караван пристигнува на италијанскиот остров Капри, во Неаполскиот залив. Како што беше претходно планирано, таму ќе се сретнат министрите за надворешни работи на седумте најважни западни индустриски земји, како и претставникот на ЕУ, Жозеп Борел.

На живописниот туристички остров на врвот на агендата ќе бидат Иран, Израел, Хамас, ситуацијата во Појасот Газа и кризата на Блискиот Исток, велат италијанските дипломати. Всушност, главни теми требаше да бидат руската агресорска војна против Украина и натамошната поддршка за Киев.

Г7 ќе го повика Иран да се воздржи од понатамошни напади врз Израел. Иранската програма за нуклеарно оружје, исто така, повторно ќе биде критикувана од Г7, како што беше на секој состанок на водечките индустријализирани земји во последните 20 години.

Израел треба да признае дека успеал успешно да го одбие иранскиот напад и дека не е потребна каква било одмазда. Шефовите на држави и влади на Г7 веќе ја утврдија таа линија на видео конференцијата во текот на викендот.

Кој ќе даде поголема помош за Украина

Кога станува збор за Украина, американскиот државен секретар Ентони Блинкен треба да објасни како неговата администрација би можела да ја надмине блокадата на републиканците во американскиот Конгрес, бидејќи не може да се исплатат 60 милијарди евра воена и буџетска помош за Украина. До крајот на неделата треба да има нов обид за гласање во Претставничкиот дом.

Европските партнери во Г7, Франција, Велика Британија и Германија, како и Канада и Јапонија, би можеле да објават дали и како ќе ја зголемат помошта за Украина.

Според италијанските дипломати, јапонскиот министер за надворешни работи Јоко Камикава би можел да изјави дека Токио испорачува повеќе ракети и крстаречки ракети на САД, а Американците за возврат би можеле да предадат оружје од американско производство на украинската војска. Тоа индиректно учество на Јапонија во снабдувањето со Украина треба да биде во согласност со јапонскиот устав, кој забранува директни испораки на завојуваните страни

Украина бара противвоздушна одбрана како во Израел

Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш апелираше до западните партнери да ја обезбедат итно потребната противвоздушна одбрана од руските беспилотни летала и ракети. Зеленски рече дека западните сојузници треба да ја бранат Украина како што го бранеа Израел од иранските напади.

Домаќинот на Г7, италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, ја отфрли споредбата на Зеленски. „Ситуацијата во Израел е сосема поинаква од онаа во Украина. Јорданските воздухопловни сили полетаа додека ирански беспилотни летала и проектили летаа над нивна територија. Американците и Французите летаа со своите авиони, бидејќи имаат бази во регионот“, изјави Антонио Тајани за новинската агенција АНСА.

Во војната на Русија против Украина, тие не се страна, туку ја штитат источната граница на НАТО. „Не можеме повеќе, бидејќи не сме во војна со Русија и не се испалуваат проектили и беспилотни летала кон земјите на НАТО“, заклучи министерот за надворешни работи на Италија.

Melbourne
broken clouds
13.6 ° C
14.4 °
12.1 °
73 %
5.7kmh
75 %
Tue
14 °
Wed
18 °
Thu
16 °
Fri
17 °
Sat
18 °
Поврзано
spot_imgspot_img

Популарно

spot_imgspot_img
spot_imgspot_img
spot_imgspot_img
spot_imgspot_img
spot_imgspot_img