За време на тајна посета на директорот на ЦИА Вилијам Џеј Брнс на Украина претходно месецов, украинските власти откриле амбициозна стратегија повторно да ги заземат териториите кои ги припои Русија и да отворат преговори за прекин на огнот со Москва до крајот на годината, пишува Вашингтон пост повикувајќи се на анонимни извори.
Како што се додава, целта на неговото патување била „реафирмација на посветеноста на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден на размената на разузнавачки податоци кои би ѝ помогнале на Украина да се одбрани“.
Украинските функционери изразиле фрустрација поради критиките за спорото темпо со кое офанзивата досега се одвива. Меѓутоа, воените стратези во Киев приватно му порачале на Брнс дека веруваат во својата цел повторно да заземат значителна територија до есента.
Како што се истакнува, планот е да се поместат артилеријата и ракетните системи блиску до граничната линија на Крим, да се пробијат подлабоко на исток, а потоа да се почнат преговори со Москва.
Останува да се види дали Киев може да ги оствари тие планови во толку кратка временска рамка, пишува Вашингтон пост.
На прашањето за проценката на Брнс за изгледите на офанзивата, ЦИА одбила да коментира.
Вашингтон пост понатаму наведува дека Зеленски и неговите воени команданти се соочуваат со исклучителен притисок од Западот кој на Киев пред офанзивата му обезбедил милијарди долари за напредно вооружување и обука.
Украина досега претрпела големи загуби, а поради тешкиот терен украинските трупи се подложни на руски ракетни напади, се додава во текстот.
Зеленски признал дека офанзивата напредува „поспоро од посакуваното“, а украинските власти потврдија дека се уништени дел од тенковите „леопард 2„ и борбените возила „бредли“ добиени од Западот.
Министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников истакнал дека „главниот настан“ допрва следи“, а врховниот командант на украинските сили Валериј Залужни повикал на трпение, тврдејќи дека офанзивата „се спроведува максимално посветено“.
„Можеби не онолку брзо колку што би сакале набљудувачите, но тоа е нивен проблем“, кажал Залужни за Вашингтон пост.