Русија објави дека Украина утрово лансирала напад со дронови на Москва и околниот регион што довело до нарушување на авиосообраќајот на еден од главните аеродроми во градот.
Пет беспилотни летала биле користени во нападот. Сите биле соборени и нема жртви или материјална штета, соопшти руското МО. Полетувањата и слетувањата на аеродромот Внуково биле во прекин неколку часа пред да продолжи нормално да функционира. Одреден број авиони биле пренасочени на други аеродроми.
– Беспилотните летала лансирани од киевскиот режим се обидоа да таргетираат области со цивилна инфрастуктура вклучувајќи го и аеродромот Внуково. Ова беше уште еден чин на тероризам од Украина, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Украински функционери и разузнавачи пак објавија дека Русија планира да организира експлозија во нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа лоцирана во градот Енерходар окупиран од руската војска.
Според украинските разузнавачи на руските работници им било кажано да ја напуштат фабриката до утре.