Војната во Украина влегува во нова фаза по уште еден напад на мостот на Крим, оценува Максим Камениецки, професор од Институтот за меѓународни односи во Киев.
Камениецки вели дека ситуацијата на Крим е нервозна и дека од двете страни на мостот се формирале големи гужви, а најмногу го користат Русите.
„Преку тој мост го снабдуваат Крим, руската војска. Русите сега им препорачуваат на луѓето што доаѓаат и одат од Крим да одат по копно, каде што патот воопшто не е погоден за патување. Ситуацијата е нервозна и тоа секако го побива сето она што го кажуваат за Путин и руското раководство – дека се оди според планот. Очигледно тоа не функционира“, рече Камениецки.
Поради нападот на мостот, Русите најавија голема одмазда“, вели Камениецки и додава: „Така е секогаш, а така беше и во 10-ти месец, кога беше првиот напад на мостот на Крим. Русија оваа ноќ напорно се обиде со три бранови напади со беспилотни летала и крстаречки ракети да ги нападне нашите два најголеми пристанишни града Одеса и Миколаев, каде до завчера беа формирани тие карвани со бродови што носеа жито. Нивната цел сега е да ги уништат пристанишните објекти во тие градови, но верувам дека подготвуваат удари со другите видови оружје што го имаат. Веројатно подготвуваат комбиниран напад, но веруваме и во нашите противвоздушни сили кои се доста ефикасни, но за жал не на целата територија на Украина. Се обидуваме да бидеме подготвени за каков било развој“, додава тој.
Исто така, Русите тврдат дека во нападот на мостот учествувале британски и американски сили. Професорот од Институтот во Киев вели дека руската реторика е веќе добро позната.
„Од почетокот велат дека Американците, НАТО и другите стојат зад какви било успешни акции на нашата армија, бидејќи Русите всушност се срамат што нашата армија има способност да им уништи мост, брод, да нападне голем објект, а тие веројатно се срамат кога на Украина ќе им успее нешто“, вели тој.
Додава дека Русија веќе започнала офанзива околу Купјанск на истокот на Украина и дека „сега се игра стратешка игра кој ќе ги користи нивните резерви“.
За западните санкции кон Русија, тој вели дека во глобала не успеале како што требало. Позицијата на Путин, вели тој, е тешка и комплицирана.
„Санкциите треба да се одразат на целата економија за да не може државата повеќе да го развива нормално својот економски систем. Русите сè уште успеваат да го направат тоа, дури и да произведуваат оружје со помош на западните делови. Тоа најмногу не загрижува. Ракетите што сега ги произведуваат и подготвуваат содржат делови произведени во земји кои се наши сојузници, тоа е наш проблем. Позицијата на Владимир Путин е тешка и комплицирана од почетокот на војната. Во моментов тој сè уште има проблеми во неговото воено раководство, каде што започнаа чистките познати уште од времето на Сталин. Многу генерали, високи офицери беа сменети на други позиции, од армијата, уапсени и така натаму. Сето тоа предизвикува тензии меѓу безбедносните сили и луѓето во военото раководство. Тоа отсекогаш било проблем во Советскиот Сојуз – односот меѓу армијата и т.н „заштита“. Мислам дека слична врска се случува и сега. Мислам дека Путин е секако во опасност и по функцијата и по својот живот“, рече Камениецки.
Тој го коментираше и ставот на „бунтовникот“ Евгениј Пригожин. „Тој човек навистина има специфична репутација и позиција во руското општество. Сигурно веќе некое време е илегалец во Русија. Лесно е да се најде маж во Русија ако си поставиш таква цел. Тој сигурно е во поголема опасност од Путин, но зад него се уште некои луѓе кои му веруваат и можат да дејствуваат во руската армија, а ова е еден од можните луѓе кои можат да му направат проблеми на Путин. Мораме да внимаваме што се случува околу него. Најверојатно се крие и не е во јавност барем од безбедносни причини“.