Михајло Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска го обвини сопственикот на платформата Икс, Илон Маск дека „направил зло“ кога го саботирал украинскиот напад врз руската флота на Крим.
„Понекогаш грешката е многу повеќе од грешка. Не дозволувајќи им на украинските беспилотни летала да уништат дел од руската флота преку Старлинк, Илон Маск дозволи оваа флота да истрела ракети Калибр кон украинските градови“, напиша Подољак на платформата Икс.
Тој додаде дека како резултат на тоа загинале цивили, меѓу кои имало и деца.
„Ова е цената на коктелот од незнаење и големо его. Зошто некои луѓе толку очајно ги бранат воените злосторници и нивната желба да извршат убиство? И дали сега сфаќаат дека прават зло и поттикнуваат зло“, рече Подољак.
Маск претходно изјави дека не сака неговата компанија Спејсекс да биде „соучесник во војната и ескалацијата на конфликтот“.
Во четвртокот, Си-ен-ен цитираше извадок од биографијата на Волтер Ајзаксон за Илон Маск, кој опишува како вооружени поморски беспилотни летала се приближувале до руската флота во близина на брегот на Крим кога „изгубиле контакт и безопасно испливале на брегот“.
Во биографијата што треба да биде објавена во вторник, се наведува дека Маск им наредил на инженерите на Старлинк да ја прекинат услугата во зоната на нападот поради неговата загриженост дека Владимир Путин ќе одговори со нуклеарно оружје на нападот на Украина врз Крим окупиран од Русија.
Украинскиот вицепремиер Михаил Федоров денеска за Фајненшл тајмс изјави дека Маск споделил со Ајзаксон доверливи разговори за воен пристап до Старлинк без дозвола на Федоров.
„Тоа не е баш убаво. Никогаш јавно не ја покажував ниту зборував за нашата кореспонденција“, изјави Федоров за Фајненшл тајмс.