Израелски воздушни напади утринава ги погодија меѓународните аеродроми во сирискиот главен град Дамаск и во северниот град Алепо, при што загина едно лице, јавија сириските државни медиуми.
Пистите се оштетени, а аеродромите не работат.
Ова е втор напад овој месец на аеродромот во Дамаск и трет на аеродромот во Алепо, додека тензиите растат на Блискиот Исток поради војната меѓу Израел и Хамас.
Сириските државни медиуми, повикувајќи се на неименуван воен претставник, објавија дека аеродромите биле нападнати од правец на Средоземното Море на запад и Голанската висорамнина на југ.
Во Дамаск еден вработен загина, а друг е ранет и причинета е материјална штета.
Израелската армија засега не коментира ништо.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, израелската војска нападна неколку цели во Сирија, вклучително и аеродроми. Летовите претходно беа насочени кон меѓународниот аеродром во крајбрежната провинција Латакија.
Израел ги гаѓаше аеродромите и пристаништата во деловите на Сирија кои се под контрола на владата во очигледен обид да спречи испорака на оружје од Иран до екстремистичките организации поддржани од Техеран, вклучително и либанскиот Хезболах.
Илјадници борци поддржани од Иран се приклучија на 12-годишниот конфликт во Сирија и му помагаа на сирискиот претседател Башар Асад.
Израел изврши стотици напади врз делови на Сирија кои се под контрола на владата, но ретко презема одговорност за такви операции.