Хезболах, моќната воена милитантна група поддржана од Иран, разменува оган со израелски сили долж границата на Либан и Израел во рамки на најсмртоносната ескалација на конфликтот откако војуваше против Израел во 2006 година.

Во текот на снимениот говор долг повеќе од два часа тој ги навести следните потези на Хезболах.

Насралах им се заблагодари на групите во Јемен и Ирак, членовите на „Оската на отпорот“. Станува збор за ирачки шиитски милиции кои се борат со американските сили во Сирија и во Ирак и со јеменските Хути, кои се придружија на конфликтот со напади на Израел со беспилотни летала. Кажа дека нападот од 7 октомври предизвикал „земјотрес“ во Израел и дека ги разоткрил неговите слабости.

„Мои браќа и сестри, мирот нека е со вас“, кажа Насралах. „Денес сме тука за да се потсетиме кои се хероите на Хезболах“. Кажа дека некои либански и палестински борци кои загинале добиле медали и дека денес се разговара со нивните семејства. „Ако сакавте да најдете војна со сите етички, морални и верски права, не можете да најдете таква војна“, додаде лидерот на Хезболах.

Оцени дека „битката против поплавата во Ал Акса“, како што Хамас ги нарекува своите напади на Израел, се проширила на повеќе фронта. „Операцијата на Хамас беше сјајна, таа света операција беше 100 отсто палестинска“, оцени Насралах.

„Оваа операција немаше негативна страна и не можеа поинаку“, оцени тој за упадот на Хамас во Израел, во кој беа убиени 1.400 луѓе, од кои голем број цивили. Додаде дека нападот во тајност го планирала палестинската милитантна група, и дека ќе има трајни последици. „Оваа славна, сеизмичка операција предизвика потрес во смисла на безбедноста, војската, политиката, дипломатијата, па дури и психолошки. Тоа ќе има длабоки стратегиски последици“, смета Насралах.

Тој истакна дека Израелците убиваат жени и деца во регионот. „Вршат масакри по масакри. Сакаат лидерите на отпорот да кренат бели знамиња. Исходот на оваа војна ќе биде на страната на Палестина“, оцени лидерот на Хезболах.

Соединетите Американски Држави „се виновни за она што се случува во Газа и на луѓето во регионот„, истакна Насралах, додавајќи дека Израелците се само алатка која ја користат САД. Тој ги повика арапските земји да престанат да тргуваат со Израел.

Лидерот на Хезболах она што се случува во Газа го нарече битка која не е како претходните војни, и дека за тоа сите мора да сносат одговорност. Истакна две цели: првата е да се сопре војната во Газа, а втората Хамас да биде победник во оваа војна.

Кажа дека Хезболах во битката влегол на 8 октомври, ден откако Хамас го почна ненадејниот напад на југот на Израел, и додаде дека групата од ден на ден ги ескалира своите операции и го приморува Израел да држи свои сили во близина на либанската граница наместо во Газа или Западниот брег.

Лидерот на Хезболах истакна дека сите опции на либанскиот фронт се отворени, па дури и ескалација, и дека Хезболах е спремен за сите можности. Истакна дека не се исплашени од распоредувањето американски воени бродови во регионот.