Група заложници е видена како ја напушта Газа во конвој на Црвениот крст доцна вечерва, јави Си-Ен-Ен.
Црвениот крст претходно потврди дека заедно со заложниците се упатиле кон преминот Рафах меѓу Газа и Египет. Си-ен-ен, во меѓувреме, јави дека групата заложници од Египет влегла на израелска територија и според воспоставениот ред, ќе бидат однесени во болница.
Хамас соопшти дека му предал на Црвениот крст 13 Израелци и седум странски државјани, иако Катар и Израелските одбранбени сили соопштија дека бројот на ослободени странски државјани е помал.
Размената на заложници и палестински затвореници меѓу Израел и Хамас планирана за денеска беше одложена по спорот околу условите меѓу двете страни, за кој Катар подоцна рече дека бил решен со нивно посредништво.
Претходно катарските власти објавија дека вкупно 13 израелски заложници ќе бидат ослободени вечерва како и 39 палестински затвореници, во одложената втора размена договорена како дел од привременото примирје во Газа. Во соопштението беше наведено и дека седум странци кои се заложници во Газа, исто така, ќе бидат ослободени.