Поради обилни врнежи на снег од 17:00 часот на патниот правец Кратово-Пробиштип е воведена забрана за движење на тешки товарни возила.

Од 15:20 часот, пак, на патниот правец Битола-Ресен, и обратно, кај превој „Ѓавато“, поради обилни врнежи на снег воведена е забрана за движење на тешки товарни возила. Ваква забрана од 16:35 часот има и на патниот правец Градско-Прилеп кај превој „Плетвар“ и обратно.

Попладнево, од 16:30 патниот правeц Крива Паланка – Граничен премин Деве Баир е затворен за тешки товарни возила.

Од АМСМ информираат дека е здолжително користење зимска опрема (ланци) од 14 часот на патниот правец Тетово-Попова Шапка.

– Од вечерва, од 21 часот сообраќајот на патниот правец Велес – Катланово се одвива по една коловозна лента. И на регионалниот пат Св. Николе-Куманово сообраќајот се одвива по една лента, наизменично и само за патнички возила, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.