Ниту Русија, ниту Белорусија, ниту која било друга држава во светот не би му дала азил на Љупчо Палевски – Палчо, осомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и за егзекуцијата на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, велат безбедносни експерти за „Слободен печат“. Палевски се бара со меѓународна потерница за истрага за кривичните дела грабнување и убиство по издадена наредба од ОЈО Скопје, а каде се наоѓа во моментов не е познато. Кога ќе биде пронајден ќе оди директно во притвор.
– Во принцип, секоја држава дава политички азил, но не и за извршени тешки кривични дела како ликвидации и убиства. Русија и Белорусија нема да му дадат. Амбасадата на Русија во Македонија ги следи сите овие состојби и руските служби за разузнавање имаат информации и на оваа работа не верувам дека ќе се сложат. Можно е некоја друга држава да го користи за други акции, во смисла на тероризам, но мислам дека Љупчо Палевски е компромитирана личност до крај, сите медиуми објавија податоци и фотографии од него и сметам дека нема кој да го заштити. Не верувам ниту дека има финансии, за условно речено да си ја купи слободата некаде. Очекувам Турција брзо да го врати назад, бидејќи има информации дека е таму и дека планирал да замине за Русија или Белорусија, но ако го пресечат тука неговиот пат, уште во Турција, тоа ќе биде добро, изјави за „Слободен печат“ Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.
На прашањето дали доколку Палевски поседува компромитирачки материјали, како што се знае дека поседуваше, односно дека располагаше со незаконски снимени разговори -„бомби“ и дали тоа би можела да биде валутата со која би си ја платил слободата, Трајанов вели дека тоа не е можно.
– Нема простор. Не се работи за политички дисидент туку за осомничен убиец за такви тешки злосторства, што нема место во светот кое би го заштитило или каде би се сокрил. Во врска со прислушкуваните разговори до кои дојде СДСМ па и ВМРО-ДПМНЕ, тие почнаа да ги делат и еден од тие што ги доби беше Љупчо Палевски-Палчо и да не ги ширам сите други од криминалното подземје, кои што ги користеа за уцена. Многу информации добија и криминални групи од Косово. Тоа значи, тие разговори повеќе не се корисни. Но она што е огромна грешка и за кое како медиум треба да прашувате и да се интересирате, е како може на Љупчо Палевски – Палчо да му се пронајде оружје кое е држено нелегално и за тоа да не одговара. Врвовите на сите политички партии држат контакти со ваков профил на луѓе, па после тие стануваат силни и се охрабруваат еве што да прават. Доволен е тој факт, бидејќи казните за нелегално поседување оружје се високи. Кој е тој што го блокирал тој процес? Ако одговарал Палевски за нелегалното оружје, ќе се спречеше да направи вакви тешки злосторства, смета Трајанов.
Инаку, точно е дека во мај годинава, Љупчо Палевски Палчо, сега осомничен за две убиства и грабнување, носел пиштол без дозвола и со уште тројца барал злато кај Демир Капија.
Тоа е мал дел од богатата понуда на криминални и прекршочни дејанија на Палевски, кои датираат уште од деведесеттите.
На пример, според една од пресудите кои ги пронајде „Слободен печат“, Палевски за кој е познато дека беше градежен стопанственик, меѓу другото и на дивоградби, измамил човек, зашто наместо да му продаде стан, му ги зел парите, а станот му го продал на друго лице. На првото лице парите не му ги вратил. Добил условна осуда.
Во 2019 година му била поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а истата година имал и прекршочна пријава поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година поднесена е кривична пријава за недозволено држење оружје. Во 2005 се закитил со кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување исправа, лажно пријавување кривично дело, а во 2000 година имал пријава за даночно затајување.
Наместо во затвор, заврши како медиумска ѕвезда на различни подкасти и емисии, а кога осудените криминалци како на пример Марјан Стаменковски – „Доказ“ ќе излезеа од затвор на „лекување“, се појавуваа кај Палчо во студио за да се пожалат и попатно да се заканат дека ќе ја менуваат власта. Подкастите на Палевски беа познати по својот радикализам, екстремен десничарски правец, глорификација на патриотизмот и демохристијанството, зад што впрочем, се криел човекот што моментално им е недостапен на органите на прогонот и кој од сведоци е посочен како егзекутор на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Професорката на факултетот за безбедност Фросина Ременски се согласува дека азил за Палевски нема да даде ниедна држава на земјината топка.
– Бегство заради убиство не може да биде основа за добивање азил. Ако му дадат, тоа ќе значи признание за нарачка, смета професорката.
Таа анализира дека вистинскиот предзнак за убиството на Вања е свирепоста, доколку се потврди информацијата што вчера ја објави една телевизија, дека наводно Вања била задушена додека била заврзана во вреќата за спиење во гепекот од автомобилот во кој ја грабнале.
-Вистинскиот предзнак за убиството на Вања е свирепост – пукано во задушено дете кое требало да биде заложник во изнуда во договор со “таткото”. Главното прашање што се проблематизираше по прес-конференцијата на ОЈО и МВР беше каква врска има убиството со изнудата од користољубие, зошто би била убиена ако немало барање на пари? Еве едно студентско криминалистичко објаснување зошто. Грабнување на малолетно лице односно дете заради изнуда е скоро исто што и земање и држење заложници за изнуда на корист како терористички елемент. Ако се точни информациите дека, Вања се задушила во колата со која грабнувачите ја возеле и однеле на локацијата, тогаш пукањето во задушеното дете е чин на свирепост познат во правото како најтежок облик на убиство со казна доживотен затвор. Ако детето Вања била задушена, во планот на монструмите таа станала неупотреблив заложник со кој не можат да изнудат ништо и затоа никој не барал ништо. Во монструозниот план на убиецот и соизвршителите чекорот што го презеле со закопување на телото на детето им било надеж дека, никогаш никој нема да ја најде и нема да бидат откриени, анализира Ременски.