Талат Џафери бил единствениот предлог на состанокот на ДУИ, вели потпретседателот на оваа партија Бујар Османи, додавајќи дека се дебатирало само од член кој побарал во функцијата прв премиер Албанец во Северна Македонија да биде жена.
„Апсолутно беше едногласна одлука на раководството Талат Џафери да биде првиот премиер Албанец. Тоа што е историски е падот на етничките монополи. Знаете кога за прв пат во 2017 година Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, скоро имаше државен удар во Собрание. Кога беше избран по втор пат, не беше некоја голема вест бидејќи немаше монопол и стана нова нормалност Албанец да биде претседател на Собранието“, вели Бујар Османи.
За одлуката на ДУИ веднаш по состанокот била информирана СДСМ, како коалициски партнер. Но дали Џафери е прифатлив за СДСМ и кој ќе биде на неговото место како Претседател на Парламентот?
Џафери е прифатлив и за Алијанса за Албанците.
„Не гледаме ништо лошо за да го поддржиме. Не само Талат Џафери туку било кој Албанец, сметам дека тоа е некаква порака која мора да ја поддржиме. Не зборуваме за придобивки, туку за симболиката, според мене“, вели Арбен Таравари.
Незадоволна со одлуката Џафери да биде технички премиер е опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Албанската опозиција, Европски сојуз за промени, обвини дека ДУИ била, е и ќе остане неуспешна. Додаваат дека од Насер Зибери како премиер со целосни овластувања, завршиле со премиер Талат Џафери, кој ќе има само административни овластувања.
„ЕСП дефинитивно е за тоа да има премиер Албанец. Но, против албанскиот премиер е самата ДУИ, која ја изгуби можноста да има премиер Албанец пред четири години кога ги мамеше Албанците да гласаат за Зибери, додека ДУИ гласаше за Заев, а потоа и за Ковачевски за премиер. Зошто? Затоа што ДУИ не е заинтересирана за високи државни функции да работи во интерес на Албанците и државата, туку само да манипулира со јавноста, да краде и да носи инвеститори за казино и обложување од Србија и Русија“, велат од ЕСП.
Се очекува Џафери да ја преземе премиерската функција на 28 јануари 2024 година за да претседава со Владата до формирањето на новиот состав. Инаку тој ќе влезе во историјата како првиот премиер Албанец на Северна Македонија, додека од ДУИ се изјаснија дека следниот монопол кој треба да се падне е функцијата претседателот на државата.