Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку пред извесно време имаа навистина жесток конфликт за време на дербито меѓу Интер и Милан, но изгледа дека Швеѓанецот нема никаков проблем со Белгиецот.
Ибрахимовиќ пристигна на Санремо фестивалот каде што ќе настапи во дует со тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ.
Швеѓанецот одржа прес-конференција по пристигнувањето на фестивалот на која говореше за голем број теми, а порача и дека нема ништо против Ромелу Лукаку, откако беше запрашан од новинарите што би се случило ако организаторот на фестивалот, инаку голем навивач на Интер, на сцената го повика и Лукаку.
„Ако Ромелу сака да дојде, тогаш е добредојден. Немам никаков проблем со него, слободно нека дојде. Она што се случува на теренот останува на теренот“, изјави Ибрахимовиќ, а потоа се осврна и на неговиот настап на Санремо.
„Се надевам дека Синиша не знае да пее, па ќе бидеме на исто ниво“.